Сирењето го заменивме со урда, со што да ги замениме јајцата?!

Поскапеа јајцата, се качи цената на парното, а во најава е и повисока цена на струјата, па граѓаните се прашуваат како да го поминат денот со овие плати и пензии. Поради високите цени, мора да прават калкулации што им треба навистина и што може да си дозволат. Поскапите производи почнаа да ги заменуваат со поевтини за да може да го протуркаат месецот. Од Сојузот на синдикати на Македонија апелираат дека мора да се преземе нешто за да ублажи ценовниот удар, кој секој месец сè посилно удира по џебот на граѓаните. Се покажа дека казните не се ефикасна мерка, бидејќи откако ќе ги платат, маркетите си тераат по старо

0

Граѓаните буквално се шокирани од новите цени, кои беа коригирани деновиве, во повеќето маркети. Цената за табла јајца надмина 350 денари, а поскапеа и месото и одредени сувомесни производи. Велат дека цените незабележливо се зголемуваат по денар-два за по еден месец вкупно да се зголемат за 10 или 20 отсто. Речиси од секој маркет излегуваат со фискалните сметки в рака и пресметуваат дали навистина тоа што го купиле чини толку или е некоја грешка. Целиот овој шок доаѓа на почетокот од зимските слави, имендени, но и на големите празници како Нова година, Божиќ… кога повеќе купуваат.

Купувачите велат дека поради високите цени, мора да прават калкулации што им треба навистина и што може да си дозволат. Поскапите производи почнаа да ги заменуваат со поевтини за да може да го протуркаат месецот.

– Кашкавалот го заменивме со сирење, сирењето со урда, месото со печурки, путерот со маргарин, но со што да ги замениме јајцата?! Речиси за секое јадење што го правам се потребни јајца. Така, во питата што ја правам, ако треба сирење, ставам урда, во тортите и колачите наместо путер, ставам маргарин, но со што да ги заменам јајцата?! – прашува една жена во маркет.

Поради високите цени, домаќинките одамна се откажаа од месото, па така почнаа да готват поедноставни и поекономични јадења.

– При секое одење во маркет пресметувам што можам да си дозволам. Гледам да купам нешто што е на акција за да поминам што поевтино за ручек – вели една скопјанка.

Од Сојузот на синдикати на Македонија апелираат дека мора да се преземе нешто за да ублажи ценовниот удар, кој секој месец сè посилно удира по џебот на граѓаните. Се покажа дека казните не се ефикасна мерка, бидејќи откако ќе ги платат, маркетите си тераат по старо.

– Граѓаните забележуваат дека има картелско здружување меѓу маркетите, бидејќи цената на еден производ, на пример на јајцата, секаде е иста и секаде се качува во исто време. Прашањето е како може да поскапи еден производ секаде во исто време кога различни маркети се снабдуваат од различни набавувачи. Се покажа дека казните не се ефикасна мерка, бидејќи се минорни во однос на прометот што го прават маркетите. Така, последнава казна за картелско здружување изнесува само 1 отсто од годишниот промет на еден маркет – вели за весникот ВЕЧЕР Љупчо Радовски од ССМ.

И покрај тоа што цените на некои производи се качуваат минимално, по некое време, граѓаните забележуваат дека се зголемиле за 30-40 денари.

– Да потенцираме дека зборуваме само за основните прехранбени производи, кои граѓаните секојдневно ги купуваат и тоа од најевтините маркети и од најевтините марки, а не за деликатеси. Освен јајцата, кои за еден месец поскапеа за 30 отсто, пакувањето од 10 јајца Л-класа од 99 денари за еден месец се качи на 129 денари, поскапено се и месото и некои сувомесни производи. Говедското е над 1.000 денари за килограм, свинското над 450, а пилешкото над 300 денари за килограм – вели Радовски.

Иако за на крајот од ноември беше закажана седница на Економско- социјалниот совет, на која требаше да се донесе владината потрошувачка кошница, која требаше да покаже колку му е навистина потребно на едно семејство за да го помине месецот и дали треба да се зголеми минималната плата, таа не се одржа. Во меѓувреме, инфлацијата се искачи на 4,5 отсто, парното поскапи за 5,9 отсто, а се најавува и ново зголемување на цената на струјата.

Загрижувачки се и статистичките податоци, кои покажуваат дека во државата 30 отсто од работниците се на минималец, а 70 отсто земаат од минимална до просечна плата, додека половина, односно 49 отсто, се сиромашни.

(А. С.)

ИЗДВОЕНИ