Синтетичките дроги стануваат сè поопасни, а сè потешко е да им се влезе во трага со токсиколошки анализи. Затоа експертите секојдневно се борат со нелегалните лаборатории каде што се создаваат овие супстанци. Клиничкиот токсиколог Весна Мијатовиќ Јовин за „Блиц“ истакнува дека последиците од нивната консумација можат да бидат и физички и психички, па дури и здрави млади луѓе можат да развијат шизофренија.
Според д-р Мијатовиќ Јовин, новите дроги се всушност синтетички соединенија со психоактивно дејство, кои честопати не подлежат на контролите на стандардните меѓународни конвенции.
-Тие имаат разновидна хемиска структура, во најголема мера ги имитираат ефектите на класичните дроги, но се посилни и поинтензивни. Лекарите се особено загрижени што ефектите на овие супстанции се непредвидливи, предупредува таа.
Како што објаснува, тие најчесто се продаваат преку интернет. Нивната намена не е наведена, но се дистрибуираат под имиња како „соли за капење“, „освежувачи на простор“, „билен темјан“ и слично, што ги прави достапни дури и за адолесцентите, кои можат да ги купат со џепарлак.
-Нелегалните лаборатории синтетизираат нови супстанци екстремно брзо, и додека законот успее да ги препознае и санкционира, тие веќе се користат масовно. Последиците за здравјето на младите луѓе се сериозни – од физички нарушувања до тешки ментални болести, како што е шизофренијата кај претходно целосно здрави тинејџери, заклучува Весна Мијатовиќ Јовин.
Дека синтетиучките дроги стануваат се поопасни и се потешко им се влегува во трага, во својот годишен извештај за 2024 година објавен неделава предупреди и Меѓународниот одбор за контрола на наркотици (ИНЦБ) администриран од ОН. Во него се објаснува дека за разлика од дрогите на растителна основа, овие супстанции можат да се направат насекаде, без потреба од одгледување во големи размери, што ги прави полесни и поевтини за производство и дистрибуција. Во подем е производството на моќни опиоиди, како фентанил и нитазени, кои се доволно моќни за да предизвикаат предозирање со мали дози и се причина за рекордно висок број смртни случаи.
Според извештајот, криминалните групи кои ги произведуваат и ги дистрибуираат синтетичките дроги постојано се прилагодуваат за да го избегнат законот. Се наведува дека со искористување на законските дупки, тие развиваат нови синтетички соединенија и користат вештачка интелигенција за да пронајдат алтернативни хемикалии за производство на дрога. Новите методи на шверцување кои вклучуваат и беспилотни летала и поштенски пратки го отежнуваат откривањето на овие дроги.