Синот на Роб Рајнер и Мишел Сингер Рајнер, Ник Рајнер, ќе биде обвинет за убиство од прв степен на неговите родители, објави денес Канцеларијата на окружниот обвинител на Лос Анџелес.
„Ник Рајнер, 32, ќе биде обвинет за убиството на неговите родители, 78-годишниот актер и режисер Роб Рајнер и неговата сопруга, Мишел Сингер Рајнер“, изјави окружниот обвинител Натан Хохман на прес-конференција со шефот на полицијата во Лос Анџелес, Џим Мекдонел, објави Ројтерс.
Обвинителите планираат да поднесат две точки за убиство од прв степен и повеќекратни точки за тешко убиство, наведувајќи дека сторителот користел нож кој е класифициран како опасно оружје.
Обвиненијата доаѓаат два дена откако Роб и Мишел беа пронајдени со смртоносни убодни рани во нивниот дом во луксузниот кварт Брентвуд во Лос Анџелес. Ник Рајнер беше уапсен под сомнение за убиство и беше приведен неколку часа подоцна. Адвокатот на Ник Рајнер, Алан Џексон, рече дека неговиот клиент сè уште не се изјаснил за обвиненијата против него.
Ник Рајнер ставен под надзор во затвор за да се спречи извршување на евентуално самоубиство
Синот на режисерот Роб Рајнер и неговата сопруга Мишел, кој е осомничен за убиство на неговите родители, е ставен под надзор во затвор, поради можност за самоубиство.
Ник Рајнер (32) е уапсен во недела попладне пред мотелот каде што изнајмил соба претходната вечер, а според американските медиуми, ноќта пред убиството се однесувал чудно на божиќна забава и се расправал со своите родители.
Роб и Мишел Рајнер беа убиени ноќта помеѓу саботата и неделата, а нивните тела ги пронашла нивната ќерка, која веднаш ја известила полицијата и близок семеен пријател, актерот Били Кристал.
Според „Дејли меил“, Ник е во затвор под надзор на тим за проценка на менталната состојба и е префрлен во одделение за затвореници со „самоубиствени мисли“ од понеделник.
Извори: Синот на Роб Рајнер ги вознемирувал гостите на божиќна забава ноќта пред убиството
Синот на убиениот филмски режисер Роб Рајнер и неговата сопруга Мишел Сингер Рајнер, и осомничен за убиството, Ник Рајнер, наводно ги вознемирувал гостите на забава во Лос Анџелес ноќта пред убиството.
Два извори велат дека Ник им се придружил на своите родители на божиќната забава на комичарот Конан О’Брајан, но дека се однесувал чудно, објавува NBC.
Друг извор вели дека неговото однесување не само што ги вознемирувало гостите, туку и дека неговите родители биле вознемирени и засрамени од неговото однесување и изразиле загриженост за неговото здравје.
Ник Рајнер наводно прекинал разговор во кој бил вклучен комичарот Бил Хејдер, а кога Хејдер му рекол дека разговорот е приватен, тој застанал и се загледал пред „луто да си замине“.
Американскиот актер и режисер Роб Рајнер пронајден мртов во својот дом
Американскиот актер и режисер Роб Рајнер и неговата сопруга Мишел Сингер Рајнер се пронајдени мртви во нивниот дом во Лос Анџелес.
Роб Рајнер, познат по „Невестата принцеза“, „Кога Хари ја запозна Сали“ и „Неколку добри луѓе“, имаше 78 години, а Мишел Сингер Рајнер имаше 68 години.
„Со длабока тага ја објавуваме трагичната смрт на Мишел и Роб Рајнер. Скршени сме од оваа ненадејна загуба и ве молиме за приватност во ова неверојатно тешко време“, се вели во соопштението на неговото семејство, кое го доби „Варајати“.
Градоначалничката на Лос Анџелес, Карен Бас, рече дека смртта на Рајнерови е катастрофална загуба за нивниот град и за целата земја. Гувернерот на Калифорнија, Гевин Њусом, рече дека е „скршен од трагичната загуба на Роб Рајнер и Мишел Сингер Рајнер“.












