„Збогум Матија“! Вака накусо гласат тажните пораки кога сите би можеле да се соберат на едно место. А, се однесуваат на музичарот Матија Дедиќ син на големите музички имиња Габи Новак и Арсен Дедиќ. Почина вчера на својата 52-годишна возраст.
Инаку, роден во Загреб а, уште од најраната возраст чекореше по патеките на музиката. Средното музичко училиште „Ватрослав Лисински“ го заврши во родниот град, по што се изгради како еден од највлијателни џез-пијанисти на Балканот. Има завршено и џез Академија во австрискиот Грац.
Релативно млад човек кој физички го напушти овој свет. Имаше пред себе уште многу време за создавање музика полна со емоции. Но, животот е непредвидлив. Едноставен во сè, дури и во желбите: да остане среќен и да биде здрав. Среќен беше покрај таквите родители Габи и Арсен, покрај ќерката Лу, сопругата Марина. Но се чини дека имаше проблематично здравје на кое не обрнуваше доволно внимание.
Колегите на Матија, но и колегите и колешките на неговата мајка Габи Новак, целата естрада од Вардар до Триглав, еден по друг, оставаат проштални пораки. Меѓу нив најсилен трогателен поздрав остави неговиот голем пријател и соработник сплитскиот поп-пејач Златан Стипишиќ-Џибони.
-Мило мое момче, ти и јас се нарекувавме браќа. Ти благодарам за душата, топла и благородна. Ти благодарам за годините пријателство, искрено и ретко. Ти благодарам за музиката, брате. Ќе се сретнеме повторно, некаде таму каде што прстите ја допираат типката, помеѓу шепотот и тишината… Те сака силно твојот Џибо!
Музиката на Матија останува музика за сите генерации а, неговиот татко Арсен Дедиќ се смета и денес за еден од најсилните музички имиња на овие балкански простори. Длабока е тагата која се чувствува по смртта на Матија. А, само пред неколку години синот му одаде голема почит на таткото со албумот „Матија свири за Аресен“ . Тоа е златна колекција од 12 вечни мелодии меѓу кои: „Сè што знаеш за мене“, „Куќа покрај море“, „Модерато кантабиле“…. Албумот беше сниман во живо на во Концертната сала „Ватрослав Лисински“ во Загреб. „Жал ми е што татко ми Арсен не го доживеа овој албум. Ќе беше среќен и горд заради мене, изјави тогаш Матија.
Последниот концерт во Скопје, Матија го имаше пред некоја година во МНТ. Ги музицираше делата од албумите „Трагови у сјети 1 и 2“. Станува збор за џез-преработки на најголемите хитови испеани од Бијело дугме, Здравко Чолиќ, Оливер Драгојевиќ, Јосипа Лисац, како и песни од неговиот тато Арсен.
Матија ќе биде погребан со највисоки почести на заслужен граѓанин на Хрватска. (Д.М.) фото:ФБ-архива