Компанијата СИНОХИДРО, која е во целосна сопственост на Power Construction Corporation of China (PowerChina) – една од 500-те најголеми компании во светот – соопшти дека досега се реализирани над 95 проценти од работите предвидени со оригиналниот договор за изградба на автопатот Кичево–Охрид.
Од компанијата информираат дека во изминатиот период, со поддршка на Владата и на инвеститорот, бил забрзан напредокот во делот на експропријацијата и проектната документација. Во текот на 2025 година, на 13 јули, 7 септември и 31 декември, во сообраќај биле пуштени вкупно 27,96 километри од главната траса (двата коловоза), односно делници во должина од 13,5 километри, 12,34 километри и 2,12 километри.
СИНОХИДРО наведува дека во Северна Македонија веќе ги има завршено автопатот Миладиновци–Штип, како и експресните патишта Крупиште–Кочани и Фариш–Дреново, оценувајќи дека со тоа е даден значаен придонес во унапредувањето на транспортната инфраструктура во земјата.
Во однос на автопатот Кичево–Охрид, од компанијата појаснуваат дека согласно договорот се одговорни за градежните работи, додека проектната документација, косините, експропријацијата и дислокациите не се во нивна надлежност. Во изминатите десет години, како што посочуваат, проектот се соочувал со предизвици поврзани со експропријацијата, како и со проектни решенија кои не биле целосно усогласени со реалните геолошки услови на терен.
Особено во 2024 година, поради непредвидени геолошки појави, се појавиле одрони и свлечишта на поголем број веќе изведени косини. Анексот број 8, кој неодамна беше усвоен во Собранието, главно се однесува на санација на 14 свлечишта и други поврзани активности. Од СИНОХИДРО информираат дека проектите за стабилизација на сите 14 косини се целосно завршени и одобрени, а градежните работи ќе продолжат согласно одобрените планови.
Компанијата наведува дека ќе продолжи со професионален и одговорен пристап во реализацијата на преостанатите активности, со цел завршување на проектот и подобрување на транспортната поврзаност и социјално-економскиот развој во земјата.
Покрај инфраструктурните активности, од СИНОХИДРО потсетуваат и на спроведените проекти од областа на корпоративната општествена одговорност, меѓу кои санација на локални патишта во селата Подвис и Извор, подобрување на одводнувањето и расчистување на снег во зимски услови, како и донации и поддршка за локалното население.












