Повеќето тенисери го поминуваат целиот свој живот сонувајќи да заработат двоцифрен број милиони долари во кариерата, но малкумина успеваат да во тоа во една сезона. Италијанецот Јаник Синер го направи тоа, само со настапот на два турнири.
Тој постави два рекорди оваа есен кога станува збор за заработката од едно натпреварување. На егзибицискиот турнир „Слем на шестемина кралеви“ во Ријад, пред околу еден месец, тој освои шест милиони долари, што е апсолутен рекорд кога станува збор за победата на еден турнир, а пред неколку дена, во Торино, беше награден со 5.071.000 долари за триумфот на финалниот мастерс, што е рекорд кога станува збор за официјалните натпревари.
Синер ја завршува годината со 19.114.396 долари, не сметајќи го чекот од Ријад, бидејќи станува збор за егзибициски турнир. Кога ќе се земе предвид дека не играше на четири мастерс туринири 1.000 (Индијан Велс, Мајами, Монте Карло и Мадрид) поради тримесечната суспензија, како и дека поради отсуството на нив остана без бонус од повеќе милиони долари, јасно е дека сигурно би го срушил рекордот за заработка во една сезона што го држеше Новак Ѓоковиќ. Најдобриот тенисер на сите времиња го постави рекордот во 2015 година, кога дома однесе дури 21.646.145 долари.
Дека Синер стана вистинска машина за пари потврдува уште еден факт. Тој сега се искачи на седмото место според заработката во кариерата, со 56.632.426 долари. Пред него се двајца активни тенисери, но со минимална предност. Шести е Александар Зверев со 56.726.536 долари, а петти Карлос Алкараз со 57.480.695 долари. И Германецот и Шпанецот имаа поголема предност пред оваа сезона, но Италијанецот ги стигнува и нема сомнение дека би можел да ги остави зад себе уште следната година.
Рекордер е Новак Ѓоковиќ со 191.252.375 долари во кариерата, со огромна предност пред другите членови на големата тројка. Рафаел Надал е на второто место со 134.946.100 долари, а Роже Федерер е на третото место со 130.946.339 долари. Четвртопласираниот Енди Мареј нема долго да остане на тоа место, бидејќи со 64.687.542 брзо ќе биде стигнат од триото Синер – Алкараз – Зверев.
Од активните играчи, во првите десетмина според заработката во кариерата, само Данил Медведев е на осмото место со 48.192.619 долари. Стефанос Циципас е единаесетти со 36.063.857, Марин Чилиќ е дванаесетти со 32.572.614…
Патем, ова е само заработка од турнирите. Профитот од спонзорите, кога станува збор за најголемите асови, е многу поголем, но често е деловна тајна, па затоа податоците не се секогаш веродостојни. За Федерер, на пример, се проценува дека има заработено повеќе од милијарда долари кога сè ќе се собере, а за Ѓоковиќ – близу 700 милиони.












