EPA/PETER SCHNEIDER

Поранешниот светски тениски рекет број еден, Германецот Борис Бекер, во интервју за италијанскиот „Кориере дела сера“ изјави дека Јаник Синер го сакал за тренер, а се осврна и на скандалот со допинг на младиот Италијанец.

Сопственикот на седум гренд-слем титули и шампион на Вимблдон на само 17 години зборуваше за времето поминато во затвор, за финансиските проблеми, а беше откриена и тајната дека во јануари 2022 година Јаник Синер го барал за тренер.

„Два месеца подоцна, ја чекав пресудата во Лондон. Му кажав на Јаник дека не знам како ќе заврши и дека не можам да се обврзам. Но, не сакав да го оставам на цедило, па му дадов неколку имиња: едно беше Дарен Кејхил. За мене, најдобриот“, рече Бекер, додавајќи

„Четири гренд-слем титули на 24 години. Не мислам дека можев да се снајдам подобро од Кејхил и Вањоци. Успехот на тимот на Синер зборува сам за себе. И тоа е неверојатно, со оглед на тоа што Јаник игра сериозно од 13 или 14 години“, истакна Бекер.

Покрај трофејот, Синер беше етикетиран од јавноста по скандалот со допинг. Бекер беше прашан дали допингот е честа појава во тенисот.

„Вашиот ум и вашата личност се важни, и не знам за ниеден лек што ги подобрува. Постојат некои што ја зголемуваат издржливоста и го забрзуваат закрепнувањето, но кога сте на брејк-поинт, губите со 5:4 во петтиот сет, дали знаете за лек што ви овозможува да останете ладни како мраз и да погодите ас? Не знам. Би ставил рака во оган за три лица во тој поглед: Федерер, Надал, Ѓоковиќ“, изјави Бекер за „Кориере дела сера“.

 

ИЗДВОЕНИ