Додека Јаник Синер го призна поразот од Карлос Алкараз на спортски начин, однесувањето на Арина Сабаленка по нејзиниот неуспех против Коко Гоф сè уште предизвикува остри критики од страна на пошироката јавност.
Алкараз го победи Синер во финалето на Ролан Гарос, по голем пресврт и спасени три меч топки, додека Коко Гоф на големо изненадување славеше над Сабаленка со 2-1 во сетови, исто така со пресврт. Сепак, она што предизвика гнев кај јавноста е изјавата на Сабаленка за време на прес-конференцијата по натпреварот.
- Арина не покажа големина. Како што одминуваше финалето, таа правеше сè повеќе грешки, но најголемата грешка ја направи на прес-конференцијата. Таа рече дека Коко не играла добро, но дека таа, најдобрата на светот, буквално ѝ ја дала титулата, напиша Андреа Петковиќ, поранешна германска тенисерка, во својата колумна за „Скај спортс“.
Потоа, поранешната деветта тенисерка во светот додаде:
- Арина го заборави златното правило откако го загуби финалето. Честитај му на противникот, честитај му на неговиот тим, а потоа во соблекувалната скрши сè што ќе ти се најде при рака. Тоа е правилниот редослед на работите.
Од друга страна, Петковиќ го пофали однесувањето на Синер, иако тој пропушти уште поголема предност. Не само што водеше со 2-0 во сетови, туку имаше и три меч топки.
По едно од финалињата од највисока класа, веројатно најголемото разочарување за него, тој искрено и учтиво му честиташе на Карлос, а потоа само додаде дека веројатно нема да спие истата вечер.
Таа е уверена дека Италијанецот и Шпанецот ќе играат многу вакви натпревари.
- На Карлос му е потребен Јаник. Додека Синер беше суспендиран, Алкараз се мачеше. Но, штом Јаник се врати на турнирите, Карлос никогаш не загуби натпревар. Очигледно е дека му е потребна заканата од голем ривал за да се фокусира. Сè друго му изгледа здодевно, порача Петковиќ.