Како што беше и најавено, Сојузот на синдикатите на Македонија утринава во 9 часот ја започна блокадата на македонското Собрание со цел да се оствари нивното барање за зголемување на минималната плата на 600 евра, а на сите останати плати за 100 евра.
Синдикалните активисти ги блокираа влезовите и пристапите до Собранието од улицата „Даме Груев“ и булеварот „11 Октомври“ и улицата пред Собранието. На пратениците им е попречен пристапот со возилата, но народните избраници пеш може да влезат во македонскиот парламент. Според претседателот на Собранието Африм Гаши, законодавниот дом денеска ќе работи паралелно со протестот на ССМ. Тој вчера ги повика пратениците да додјат пеш или порано со своите возила. На редовниот брифинг со новинари тој кажа дека очекува протестот да помине мирно.

-Пратениците први ќе се соочат со работничкиот гнев, а преку блокадата ќе ги оневозможиме тој ден да наплатат патни трошоци кои надминуваат и 100 евра за еден ден, да дојдат пешки или со градски превоз онака како што одат на работа работниците – изјавија од ССМ.
Но, претседателот на Собранието Африм Гаши вчера изјави дека патните трошоци на пратениците сепак ќе бидат исплатувани според правилата. Односно, на сите оние кои ќе приложат фискални сметки од патарините.

Поради најавениот протест во центарот на Скопје ќе важи посебен сообраќаен режим.
Како што информираат од Министерството за внатрешни работи (МВР), протестот на ССМ е најавен пред зградата на Собранието, на улиците „11 Октомври“ и „Даме Груев“, а доколку се појави потреба од пренасочување, сообраќајот ќе биде пренасочен по околните сообраќајници.

-Од тие причини Единицата за безбедност на патниот сообраќај ќе преземе мерки за посебен режим на сообраќајот во централното градско подрачје на Град Скопје -велат од МВР и апелираат сите учесници во сообраќајот да ги почитуваат наредбите од полициските службеници.












