Незадоволството околу незголемувањето на минималецот Сојузот на синдикатите на Македонија ќе го изрази на улица. Предвидени се штрајкови во повеќе институции и блокади на улици. Главното барање е 600 евра минимална плата и по 100 евра зголемување на сите други плати. Ваквите најави следуваат откако со месеци наназад нема никаков напредок околу прашањето за зголемување на минималната плата. Од Конференцијата на слободни синдикати, пак, велат дека сè уште не добиле покана од ССМ за да се приклучат на протестот. Од КСС велат за весникот ВЕЧЕР дека нема потреба од вакви радикални чекори, бидејќи за една и пол година платите се зголемиле за 20 отсто.
Од Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ) веќе подолго време укажуваат дека не гледаат излез од ситуацијата.
– Барањето на работниците беше до крајот на минатата година да се зголеми минималната плата на најмалку 600 евра и за 100 евра да се зголемат другите плати. Владата и работодавците имаа можност да се договорат и до крајот на 2025 година да им кажат на работниците за колку се подготвени да ги зголемат платите, но не го сторија тоа. Поради тоа, македонската минимална плата е најниска во регионот, бидејќи од јануари нивните влади ги зголемија на 500 евра, па нагоре, а нашата Влада и нашите работодавци одлучија да ги држат нашите работници во сиромаштија. Според Статистика, за да не се сметаат еден работник и неговото семејство за сиромашни, потребни им се 31.200 денари месечно, а минималната плата изнесува 24.379 денари, што е помалку за 6.821 денари. Во моментов, 33,3 отсто од работниците во Македонија примаат плата под 30.000 денари и токму затоа е и барањето, покрај минималната плата, сите плати на македонските работници да се зголемат за најмалку 6.000 денари или 100 евра – изјави за весникот ВЕЧЕР Слободан Трендафилов, претседател на ССМ.
На последната анкета што ја спроведе ССМ, 99,5 отсто од работниците одговорија дека доколку не се зголемат платите до крајот на 2025 година, на почетокот од 2026 година ќе бидат подготвени да излезат на протест.
– Не треба никој да се прашува дали треба и не треба да се плаши за да ни се придружи на протестите, зошто само заедно можеме да се избориме за нашите работнички права – додава Трендафилов.
Од Конференцијата на слободни синдикати, пак, велат дека сè уште не добиле покана од ССМ за да се приклучат на протестот. Сметаат дека нема потреба да се протестира за плати бидејќи платите во Македонија растат.
– Не сме информирани дека ќе протестираат и не сме разговарале за тоа кои се нивните барања. Еве, ние каде што функционираме, во јавниот сектор, од ноември, заклучно со март годинава, ќе има 20 отсто зголемување на платите. Значи, за година и пол се зголемени платите во секторите образование, здравство, војска… Секаде каде што имаше колективни договори, платите се покачија согласно со Законот за минимална плата – изјави Благоја Ралповски за весникот ВЕЧЕР.
Тој додава дека во полиција се покачени платите само 10 отсто, но претходно, како што вели, немало никакво покачување.
– Кога протестиравме ние да се усогласат сите плати, ССМ не се согласи. Сега нека кажат за кои сектори протестираат за да им дадеме поддршка – вели Ралповски.
Владата, изминатиот период, ја префрли топката кај работодавците и работниците, оставајќи тие да најдат решение за минималната плата. Работодавците, пак, сметаат дека за да има зголемување на платите, треба да има поголема продуктивност, поголем економски раст…Во спротивно, како што велат, зголемувањето на минималецот без следење на економските параметри ќе предизвика отпуштање работници и затворање компании.
И од УЈП го потврдуваат податокот дека над 30 отсто од работниците во државата земаат плата под 30 илјади. Според последните податоците од УЈП, заклучно со ноември 2025 година, основна плата, плус додатоци до 23.000 денари земаат околу 16.000 граѓани.
(А. С.)












