петок, февруари 6, 2026
Дома ЕКОНОМИЈА Синдикатите во УПОЗ дадоа зелено светло на договорот со Владата за пораст...

Синдикатите во УПОЗ дадоа зелено светло на договорот со Владата за пораст на платите од 40 отсто

51

Договорот на УПОЗ со Владата за зголемување на платите за 40 проценти е прифатлив за 95 проценти од досега изјаснетите синдикални организации на УПОЗ. До крајот на неделава, се очекува да се изјаснат сите синдикални организации, а потоа Синдикатот на УПОЗ во текот на наредната недела ќе оствари работна средба со претставниците на Владата, на која ќе бидат договорени опфатот и теркот на колективниот договор, се вели во соопштението од УПОЗ.

Претседателот на УПОЗ, Трпе Деаноски, по средбата со премиерот Христијан Мицкоски, изјави дека Владата го прифатила барањето на УПОЗ, но не во целост, и дека е важно што се прифатило да се исплаќаат додатоците на плати за работниците во државната управа и правосудството.

– Како што најавувавме минатата година, ќе бидат на неколку години, на 3 рати, по 8 проценти, за жал, не по 10. Пак ќе повторам, за жал, не ги добивме минатата година, меѓутоа, еве, Владата прифати да ги исплаќа отсега со почетокот од март, а сите институции од државната управа и правосудството, значи судовите, обвинителствата… ќе треба да потпишат поединечни колективни договори за да го добијат ова право – рече Деаноски.

Појасни дека за да се реализира ова, треба се спреми текстот на овие колективни договори, заедно со претставниците на Владата и на Синдикатот. Потоа, договорите треба да бидат ставени на гласање пред органите и телата на Синдикатот.

Тој нагласи дека ако членовите ги прифатат договорите, ќе може веднаш да се продолжи со нивно потпишување.

УПОЗ, преку соопштение, информира дека зголемувањето на платите за сите вработени во управата и правосудството е поголемо од веќе обезбеденото зголемување со Општиот колективен договор за јавниот сектор како поповолно право за работниците.

– Дополнително, во пресметката на платите на вработените како компонента на платата останува минималната плата, борбата за зголемување на минималната плата за сите работници продолжува сè до нејзино зголемување, а со тоа и зголемување на платите на сите работници што во својата пресметка на плата ја имаат минималната плата. Платата во единиците на локалните самоуправи може да се зголемува преку склучување поединечни колективни договори, стои во соопштението од УПОЗ.

Средбата следуваше откога премиерот даде понуда за пораст на платите, за која УПОЗ потврди дека е прифатлива и дека дополнително ќе се разговара во рамките на синдикалните организации.

Премиерот Христијан Мицкоски ја оцени средбата со УПОЗ како конструктивна, нагласувајќи дека пред претставниците на синдикатот ги презентирале условите и правилата за зголемување на платата на административците за 40 проценти, додавајќи дека сега очекува одговор од нивна страна дали го прифаќаат предлогот од страна на Владата.

 

ИЗДВОЕНИ