Сојузот на синдикатите продолжува со протестите за зголемување на минималната плата на 600 евра и на сите други плати за 6.000 денари. Денеска ќе ја блокираат раскрсницата пред Стопанската комора, Организацијата на работодавачи и Бизнис-конфедерацијата. Претседателот на Сојузот на синдикатите на Македонија, Слободан Трендафилов, порача дека не отстапува од борбата за повисоки плати на работниците и подготвува голем работнички протест, за кој ќе биде обезбеден превоз за работниците од другите градови во државата.
– Да не се грижат, повторно ќе бидеме 21, онолку колку што е потребно за законскиот минимум за да излеземе на улица и за да блокираме. Нема да дозволиме работниците да им мрзнат на пратениците, на газдите и на Владата стоејќи на улица, само за да ги блокираат како што ги блокираат тие нив, некои 36 години, некои две години, некои една година. Но, ги повикуваме сите оние што поминуваат и што можат, барем на неколку минути да застанат со нас. Пред Стопанската комора ќе блокираме газди што ги блокираат работниците 36 години, газди што одбија да ги зголемат работничките плати и да ја зголемат минималната плата, а кукаа дека заминуваат квалификуваните работници од Македонија и дека нема да може да ги задржат – рече Трендафилов.
Тој ги повика работниците да излезат и им се придружат на синдикатите затоа што, како што рече, другите ги бројат.
– Блокадите се „таргетирани“, со по 21 човек, не ни требаат оние 12.000 што дојдоа на протестот на 28 јануари, но по завршувањето на блокадите, ќе повикаме и на голем работнички протест, на кој ќе организираме превоз од сите градови и ќе им дадеме шанса на сите работници да дојдат. Овој протест ќе биде организиран во неработен ден за да излеземе многу повеќе од 21 човек на улица пред да го организираме генералниот штрајк во јавниот и во приватниот сектор – посочи Трендафилов.
Инаку, пред два дена, кога го блокираа синдикалците Собранието, законот за минимална плата не беше ставен на дневен ред, што беше причина пратениците на СДСМ да ја напуштат собраниската седница.
Од власта, пак, сметаат дека блокадите се политички мотивирани и оти зголемувањето на минималецот ќе предизвика затворање на многу малите, микро и на средните претпријатија, кои едвај преживуваат од први до први, зголемување на цените на крајните производи и на инфлацијата.
Заменик-министерот за економија и труд, Марјан Ристески, рече дека барањата за зголемување на минималната плата мора да се базираат на реални економски параметри, кои нема да предизвикаат никакви турбуленции во домашната економија.
– Она што го бараат синдикатите не е реално, исфрлени се ад хок бројки, прво се зборуваше за 450 евра, а сега се дојде до 600. Барањата треба да бидат на реална основа, врз реални економски параметри, кои нема да создадат турбуленции во економијата. Не гледам причина за протестирање, зашто врз основа на демократски дијалог синдикатите треба да го решат проблемот околу минималната плата со приватниот сектор – рече Ристески.
(А. С.)












