Стопанската комора ќе настојува преку вклучување на македонската заедница да ја зголеми размената со Швајцарија која изнесува 200 милиони долари. Амбасадорот на Швајцарија, Кристоф Зомер истакна дека постојат јасни можности за продлабочување на економските врски меѓу двете држави, во производството, иновациите, услугите и технологијата
Македонските компании можат многу да научат од швајцарските. За таа цел, потребно е продлабочување на бизнис соработката меѓу Македонија и Швајцарската федерација. Ова го изјави првиот човек на Стопанската комора на Македонија, Бранко Азески пред денешниот бизнис форум во Скопје каде што претставници на компании на двете држави разговараа за поголема деловна размена, инвестиции и развој на нови партнерства преку размена на искуства, идеи и визии за иднината на двете економии.
– Имаме од кого да учиме, имаме одлична соработка токму на тој план, едукацијата на нашите компании за вклучување во новите технолошки текови. Ќе настојуваме сега да ја вклучиме и македонската заедница што е присутна таму и преку нивни форми на организирање, да го подигнеме степенот на размена, што е на ниво од двеста милиони долари во моментов. Ќе се трудиме да го подигнеме нивото на извоз во таа земја – рече Азески.
Бизнисмените од двете држави дискутираа и за пазарните изгледи и можности за влез на швајцарскиот пазар, правните аспекти и трговските спогодби меѓу двете држави, како и за потенцијалот за нови инвестиции, технолошка соработка и извозни иницијативи. Амбасадорот на Швајцарија, Кристоф Зомер истакна дека постојат јасни можности за продлабочување на економските врски меѓу двете држави, во производството, иновациите, услугите и технологијата.
-Нашите две држави имаат одлични односи изградени врз доверба, партнерство и заеднички вредности. Соработката се протега низ многу области – од добро владеење, развој, до образование, иновации и силни меѓучовечки врски. Овие цврсти темели претставуваат одлична основа за понатамошно зајакнување и проширување на нашето партнерство. Во тој дух, односот на Швајцарија со Северна Македонија е нешто што високо го цениме – и нешто што носи уште поголем потенцијал. Нашата билатерална трговија и инвестиции постојано растат, но сè уште се под нивото што двете страни можат да го постигнат – истакна Зомер.
Тој посочи дека подобрувањето на економското ќе придонесе за одржлив раст и отворање работни места во двете земји.
– Сегашната глобална ситуација го прави ова вистинскиот момент за делување. Како што се менуваат синџирите на снабдување и компаниите бараат стабилни и доверливи партнери, нашите две земји нудат токму такви можности. Швајцарија е подготвена да ја поддржи оваа поблиска соработка – помагајќи да се претвори потенцијалот во конкретни партнерства, а на крајот и во просперитет за граѓаните на двете земји – нагласи амбасадорот.












