Син уби мајка, маж давел жена, па таа го прободела и сето тоа во една ноќ во Штип

Социолозите го поврзуваат тешкиот живот со семејното насилство

924

Семејно насилство во два различни случаи во една ноќ во Штип ја потресоа јавноста. Првиот напад од „својата крв“ заврши кобно по животот на повозрасна жена, нејзиниот син со нож ја прободел до смрт. Во вториот случај, маж пријавил во полиција дека е во болница по убодот од сечило со кое замавнала неговата сопруга.

По ѕверското убиство на мајката, штипјани што го познаваат 53 годишниот поранешен кафанџија во центарот на градот, велат дека со години траело семејното насилство врз родителите и починатата сопруга. Животот му се променил откако почнал многу да пие алхохол и да се коцка, па станал и зависник од пороците. Убиството штипјанецот го извршил во раните утрински часови, во семејниот дом кога во момент на агресивност со нож неколкупати ја прободел својата мајка. Тој честопати бил пријавуван за малтретирање на семејството, откако починале таткото и сопругата, останал да живее со неговата мајка која ја избоде до смрт. Пријавите во полициската станица неговите најблиски секогаш и во последен момент ги повлекувале во надеж  дека  ќе го остави алкохол. Полицијата го уапси, а телото на мртвата жена е на обдукција.

„На 08.08.2025 во 04.15 часот во Штип, полицијата го привела С.З.(54). Тој се сомничи дека околу 02.00 часот во семејниот дом со остар предмет и нанел убодна рана на неговата 84-годишна мајка, по што таа починала. Лекар од Итна медицинска помош констатирал смрт, а по наредба на јавен обвинител телото на починатата било дадено на обдукција. По извршениот увид на лице место, остриот предмет бил пронајден и одземен за понатамошна постапка, информираа од СВР Штип

Истата ноќ, во друг дом во Штип, 65 годишна жена го прободела својот 70 годишен маж со сечило, соопштија од полицијата. Мажот е во болница, а сопругата била задржена во станица. Неизвесно е како полицијата ќе постапува во случајот бидејќи жената го прободела во моментот кога тој ја фатил да ја дави за вратот.

Токму поради тоа што жртвите на семејното насилство се откажуваат од гонењето, се предложија измени во Кривичниот законик кој треба да се донесе до крајот на годината. Насилникот ќе може да се гони по службена должност, дури и без жртвата да поднесе пријава. Доволно ќе биде да пријави да посведочи сосед, роднина, пријател, случаен минувач, а институциите ќе бидат должни да реагираат.

„Гонењето по службена должност, без потреба од претходна пријава од жртвата, претставува системска промена која ги ослободува жртвите од дополнителен притисок и страв од одмазда. Истовремено, со редефинирањето на кривичното дело „Телесна повреда“ од член 130 и усогласувањето со Истанбулската конвенција, се зајакнува институционалната обврска за заштита на ранливите категории. Очекуваме дека оваа реформа ќе придонесе за зголемена отчетност на сторителите и охрабрување на жртвите да побараат помош, што во целина ќе води кон подобрување на состојбата со семејното насилство во државата, изјавија од министерството за правда.

Социологот Илија Ацевски насилството врз најблиските го поврзува со неколку фактори, тешката социјална состојба во која луѓето живеат, менталното здравје, ама и негативната влијание од социјалните мрежи. Како да исчезна онаа одговорност во заедницата кога луѓето се грижеа едни за други, вели Ацевски

„Се свртевме спрема егоизмот,  како да преживееме, и го оставаме тој момент на социјалниот живот некако сам на себе, тука лежи еден од тие големи социјални проблеми. Начинот на комуникација се смени, се губи личната интеракција, се отуѓија луѓето, внатре во себе не се формира нешто здраво и одржливо. За кусо време, минута во прашање е да се направи злосторство. Некои од насилниците дури не се ни сеќаваат дека повредиле близок, како да направиле нешто против своја волја, тука лежи тој социо-психолошки момент на ова што се случува во Македонија, објаснува Ацевски.

Пред само неколку дена полицијата во Кавадарци го расчисти убиството на 42 годишниот маж чие тело беше пронајдено закопано во дворот од семејната куќа. На крај излезе дека станува збор за братоубиство, го убил една година постариот брат со кој го делеле домот. Братот го признал злосторството, го удрил со метален предмет по што починал на лице место. Мртвото тело го закопал во дворот од куќат,а го пронашла нивната сестра која во потрага по братот кој не се јавувал неколку дена, забележала дупка покриена со ровка земја. (П.А.)

 

 

ИЗДВОЕНИ