Левиот бек Игор Турченко од следната сезона ќе го носи дресот на францускиот вицешампион Нант, со кој потпиша договор на три години. Украинецот има и македонски пасош бидејќи е син на поранешниот репрезентативец Сергеј Турченко. Во изминатите две сезони тој настапуваше за Лимож, а за овој тим одигра 60 натпревари.
Претходно, Турченко блескаше во дресот на Мотор Запорожје, со кој играше и во Лигата на шампионите и во Лигата на Европа и постигна 97 гола.
Ракометната традиција продолжува во семејството Турченко, покрај таткото Сергеј, кој има настапи за Македонија и остави белег во Младост Богданци и неговиот брат Дмитро е активен во спортот. Тој денес настапува во Финска, а првите ракометни чекори, исто како и Игор, ги направи во Богданци.