Симулациска вежба за евакуација во ООУ „Круме Кепески“

23

Во основното училиште „Круме Кепески“ денеска се одржа симулациска вежба за евакуација и постапување во случај на елементарни непогоди и вонредни ситуации.

Вежбата се реализираше во соработка со „Премиум Сејфти Солушн“ и Црвениот Крст и претставува дел од редовните активности кои општина Кисела Вода ги спроведува во сите образовни установи со цел унапредување на безбедносната култура кај учениците и вработените.

-Целта на ваквите симулациски вежби е навремено подигнување на свеста и подготвеноста за справување со потенцијални ризици, преку практична обука и запознавање со процедурите за евакуација и заштита. Учениците и персоналот имаа можност да поминат низ целосна симулација на евакуација од објектот, при што беа водени од стручни лица – информираа од Општина Кисела Вода.

Како што истакна градоначалникот на Општина Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски, симулациските вежби се исклучително важен инструмент за учениците, бидејќи, како што кажа преку нив тие учат како да реагираат брзо, смирено и организирано – вештини кои може да спасат животи.

-Нашата заложба е секое дете, секој наставник и секој родител да биде сигурен дека престојот во училиштето е безбеден. Затоа, покрај редовните симулациски вежби што ги спроведуваме во сите основни училишта, во изминатиот период спроведовме и вонредни контроли на сите образовни и предучилишни установи, со фокус на исправноста на противпожарните уреди, достапноста на противпожарната опрема, како и ажурирањето на евакуационите планови. Утврдено е дека безбедноста не е нарушена и граѓаните можат да бидат мирни – системот функционира – изјави Ѓорѓиевски.

ИЗДВОЕНИ