„Надвор е магливо и студено, но во срцата е чисто како солза и топло“, кажа  Трпчески на самиот почеток на долгоочекуваниот новогодишен концерт, кој веќе станува традиција, со оглед на тоа дека се одржува втора година. А настанот што ја исполни салата со негови обожаватели, пријатели и љубители на врвната музика, започна со македонска премиера на „Шпанска рапсодија“, продолжи со танго нумери, познати латино композиции… за на крајот, да заврши како што е ред –  со македонски дела…

 

Заводливо, неодоливо и неповторливо музичко доживување, а пред сè, топло и полно со страст. Вака накратко може да се опише „новогодишната латино-музичка идила“ која завчеравечер, во арената „Борис Трајковски“ во Скопје, ни ја приреди маестро Симон Трпчески, нашиот светски познат пијанист. Заедно со оркестарот на Македонската опера и балет и неговите гости, врвни македонски и балкански музичари, а под диригентската палка на Сашо Татарчевски, тој нѐ поведе на магичното патување низ културата и традицијата на Шпанија и латино-американските земји.

„Надвор е магливо и студено, но во срцата е чисто како солза и топло“, кажа  Трпчески на самиот почеток на долгоочекуваниот новогодишен концер, кој веќе станува традиција, со оглед на тоа дека се одржува втора година.

А настанот што ја исполни салата со негови обожаватели, пријатели и љубители на врвната музика, започна со македонска премиера на „Шпанска рапсодија“, продолжи со танго нумери, познати латино композиции… за, на крајот, да заврши задолжително со македонски дела, а повеќето композиции од концертот – во аранжман на Панде Шахов, кој специјално за овој настан допатува од Лондон.

И покрај студеното време, Трпчески веднаш ги стопли срцата на присутната публика која не ги штедеше дланките за долги аплаузи.

На најдобар можен начин, со врвна виртуозност и професионалност во изведбата, пред својата домашна публика, тој одбележа 25 години плодна кариера во рамките на која настапил во 52 земји низ светот.

„Македонија е библиска земја. Ние сме мали, но многу значајни, всушност, многу големи. Преку музика, праќаме прекрасна порака во светот дека сме тука, дека постоиме и дека сме рамноправен и важен дел од нив“, нагласи, меѓу другото, Трпчески.

Во два и полчасовниот новогодишен концерт на Трпчески во организација на „Прагма продукција“, публиката имаше можност да ужива во прекрасен избор на композиции на Албенис, Сарасате, Де фаља…

Како специјален гостин настапи виолинистот и концерт-мајстор Климент Тодоровски од Охрид, при што беа изведени Циганските напеви од Сарасате. Гитарата одекна како неизбежен дел од латино музиката. Меѓу врвните музичари кои ја делеа сцената со Трпчески беше и Дарко Багески, настапи и Дејан Милевски на гитара. Ги слушнавме делата на Пјацола, Родриго…,  „Tango En Skaï“ од Роланд Дајенс…

На сцената настапија и членовите на „Македонисимо“, врвни музичари кои ја освојуваат светската сцена. Беше изведена нумера поврзана со вечната инспирација – „Мирисот на жената“… Дел од концертот беа и извонредниот баритон Иван Наумовски, кој беспрекорно ја отпеа аријата на тореадорот од операта „Кармен“. Уживавме  во изведбите на Андијана Јаневска, која ја испеа и култната музичка нумера „Бандидо“, го слушнавме и „Либертанго“ (тангото на слободата). На сцената настапи и Лара, ќерката на Трпчески…, а дел од композициите на концертот беа проследени со танцот од членовите на балетскиот ансамбл при МОБ.

Вечерта се случи една експлозија на звуци и убава атмосфера, која буквално ги маѓепса присутните.

А како што кажа и самиот Трпчески, „и како што е ред“, концертот заврши со две македонски дела, „Овчарско оро“ и „Тоска оро“.

Концертот уште еднаш ги потсети присутните во салата „Борис Трајковски“ на музичката големина на пијанистот Симон Трпчески и на сите македонски талентирани музичари кои се најдобри амбасадори на Македонија во светот.

Ова извонредно музичко патешествие беше проследено и од претседателката на државата, Гордана Сиљановска-Давкова.

(Д. Т.)

 

ИЗДВОЕНИ