Силвана Крстовска, во градот под Шара, доживеа големи овации пеејќи ја патриотската „Наше тетовско“  

53

-Моите песни се родољубиви, исполнети со љубов кон татковината, верата и кон народот. Црвените и црните ленти што ги носев на рацете, се всушност, ленти од „Везилка“ на Блаже Конески

Алал вера да ѝ е на познатата русокоса македонска пејачка, Силвана Крстовска. Таа, пред некоја вечер, во убавото Тетово, под падините на Шара, одржа величествен концерт. Тоа се случи во рамките на манифестацијата „Тетовско културно лето 2025 – Фолклорните игри под Шара“. Програмата ги опфаќа, покрај македонската, и албанската, турската и ромската музика со танци.

Влезот беше слободен за сите оние што ги обожаваат песните на Силвана, а со тоа и секогаш убавата македонска песна.

Тетовскиот свечено украсен плоштад беше исполнет до последното место со македонски фолклор, македонска музика и со македонска гордост. Драгите тетовци, едноставно кажано, уживаа во настапот на распеаната пејачка, која потекнува од тој крај. Најсилните ракоплескање и скандирање на нејзиното име се случија кога емотивно ги испеа патриотските „Наше тетовско“ и „Раотински Илинден“. Песните се реализирани во соработка со групата „Мистерија“ од Канада. Оваа згодна тетовка дополнително ја воодушеви публиката кога настапи на сцената со младите игроорки Јана Евкоска и Сандра Смиљановска. Тие, како горди Македонки, гордо го виореа македонското знаме.Силвана носеше необична модна комбинација. Сите присутни се прашуваа која порака ја испраќа до публиката. Комплетот ѝ беше со црвени нишки врз рацете.

А, таа радосно вели: – Моите песни се родољубиви, исполнети со љубов кон татковината, народот и кон верата. Црвените и црните ленти што ги носев на рацете се, всушност, конците од „Везилка“ на Блаже Конески. Овие две форми ги споив во едно. Реакцијата на присутните ми даде уште поголем мотив да продолжам со својата работа, која сосема ме исполнува.  (Д. М.) фото:ФБ

 

ИЗДВОЕНИ