Силното невреме што зафати делови од Македонија предизвика серија одрони и излевања на реките во западниот и полошкиот регион. Реката Вардар веќе се излева во атарот на селото Балин Дол, додека кај Гостивар и Тетово сообраќајот е во прекин или се одвива со големи тешкотии поради одрони на патните правци кон Стража и Бањиче.
Обилните дождови предизвикаа критична состојба во Кичево, каде на улицата „Прилепска“ во тек е евакуација на граѓани од нивните станбени објекти. На терен се екипи на Дирекцијата за заштита и спасување, Црвениот крст и локалните комунални служби кои се борат со водната стихија.
Покрај Кичево, под вода е и Охрид каде се поплавени десетици подруми, гаражи и дворови. Центарот за управување со кризи (ЦУК) е во состојба на висок аларм, а кризните штабови се на терен за да ги санираат штетите од излевањата.
Според податоците од регионалните центри за управување со кризи, во Куманово, Липково, Старо Нагоричане, Крива Паланка, Ранковце и Кратово не е евидентирано излевање на реки, ниту последици од врнежите, а надлежните општински служби ја следат состојбата. И во Скопје, Струмица, Велес, Кавадарци, Неготино, Свети Николе и Штип не се пријавени поплави или одрони, при што состојбата е под контрола.
Во Струга, по пријава преку бројот за итни повици 112, евидентиран е поголем одрон на патниот правец село Татеши – село Мислодежда. За настанот е известено ЈП „Македонија пат“, кое презема активности за санација.
Во Општина Боговиње, поради излевање на вода надвор од постојните канали, поплавено е обработливо земјиште, а директорот на ЈКП „Шари“ е на терен и ја координира интервенцијата.
Во Битола и Ресен, одронот кај селото Сирхан е саниран, додека во селото Дрмени се поплавени два двора, за што се известени Општина Ресен и ДЗС.
Центарот за управување со кризи информира дека континуирано ја следи состојбата по обилните врнежи кои зафатија повеќе региони низ државата и ги повикува граѓаните, доколку забележат проблеми или имаат потреба од помош, истите да ги пријават на бројот 112.












