Над 20.000 волонтери ќе ја чистат нашата татковина на повеќе од 500 локации во сите општини низ земјава, во големата еколошка акција на Балканот – „Генералка викенд“ која ќе се реализира по петти пат, на 9, 10 и на 11 мај.
Во акцијата се вклучени над 600 организации, институции, компании, еколошки, граѓански, спортски здруженија, пензионерски организации, јавни институции, локални и урбани заедници, градинки, училишта, факултети, волонтери и национални паркови.
Официјалното отворање е на 9 мај, на скопскиот Аквадукт, со почеток во 9:00 часот, а се очекува да присуствува и претседателката на државата, Гордана Силјановска-Давкова, која апелира до граѓаните да се вклучат во акцијата.
– Го раскинавме пријателството со планетата, ги игнорираме нервозните предупредувања на природата и не сакаме да се соочиме со тешката еколошка криза. Постојано зборуваме за зелени политики, а живееме во сиво-црна реалност на убиствен воздух, загадени езера и реки, опустошени шуми и контаминирана почва. Природата не може да биде жртва на профитната агресија. Крајно време е да трчаме маратон кон поздрава животна средина и да склучиме примирје со природата. Доколку сакаме здрава иднина, треба сите на 9, 10 и на 11 мај да се обединиме во најголемата еколошка акција – „Генералка викенд“, како доказ за национална одговорност и еколошка будност. Грижата ветува цврсти промени и верувам дека годинава ќе покажеме уште поголема еколошка зрелост доколку се вклучат повеќе волонтери за чиста и здрава животна средина – вели Силјановска-Давкова.