„Приказната за Силјан“ вечерва, во легендарниот центар ИФЦ (IFC Center) во Њујорк, ќе ја има својата американска премиера.
Публиката на Менхетен ќе има можност да го доживее остварувањето на македонската режисерка Тамара Котевска, кое веќе ја освојува публиката каде и да се прикаже, буди љубопитност кај критичарите, а ја раскажува оригиналната македонска приказна за Силјан Штркот. Веднаш по проекцијата, следува разговор со публиката, во кој учествуваат Тамара Котевска (режисерка и продуцентка) и Жан Дакар (кинематографер и продуцент), што претставува можност американските гледачи директно од авторите да ја чујат приказната за создавањето на филмот и за неверојатниот однос меѓу човекот и штркот, кој го инспирираше целиот проект.

Деновиве филмот ја освои и наградата од публиката за најдобар документарец на „Coronado Island Film Festival“ во Калифорнија, САД, со што продолжува со својот меѓународен успех.
Третиот документарец на Котевска годинава е македонски кандидат за наградата „Оскар“ за најдобар интернационален филм, а откупен од „Нешнал џеографик документари филмс“, трча за номинација и на документарното натпреварување за „Оскарите“.
Како што посочуваат од Агенцијата за филм, која издвои 100.000 евра за поддршка на кампањата за „Оскар“ за „Приказната за Силјан“, сметајќи го за национален интерес, филмот со наградите на својата американска турнеја почна да ја освојува публиката.
„Кампањата за ‘Оскар’ ја поддржува ‘Нешнал џиографик’. Целиот буџет е околу 700.000 евра, а Македонија учествува со 100.000 евра, што е фантастична сума во споредба со тоа каков буџет нудат регионалните фондови“, изјави в.д. директорот на Агенцијата за филм, Сашко Мицевски.

Како што е познато, неодамна документарецот доби и две номинации за престижните награди „Синема ај“ (Cinema Eye Honors), кои се доделуваат за документарна продукција. „Синема ај“, кои вклучуваат награди за режија, продуцирање, кинематографија и за монтажа, ќе се доделат на 8 јануари, во Њујорк. Во рамките на „Синема ај“, „Силјан“ доби номинација за „Audience Choice Prize“ (награда по избор на публиката). Ова признание, според „Синема ај“, е важен индикатор за потенцијалниот успех на филмот во претстојната наградна сезона, вклучително и за „Оскарот“ за најдобар документарен филм. Покрај ова, „Приказната за Силјан“ ја доби и номинацијата за Outstanding Achievement in Cinematography (извонредно достигнување во кинематографијата), за кинематограферот Жан Дакар, за неговиот автентичен визуелен пристап и суптилната, но длабоко филмска естетика што го обележува филмот.

Воедно, филмот освои и три номинации за наградите на Меѓународната асоцијација за документарни филмови (International Documentary Association Awards – IDA Awards). „Силјан“ е номиниран во категориите за најдобар долгометражен документарен филм, најдобра режија и најдобра кинематографија. Наградите треба да се доделат на 6 декември.
Во октомври, пак, филмот ја освои наградата „Сребрен Хуго“ (Silver Hugo) во категоријата на документарни филмови на 61. Меѓународен филмски фестивал во Чикаго (Chicago International Film Festival).
Да потсетиме, документарецот ја следи судбината на Никола, земјоделец кој по тешка криза останува сам и на депонија пронаоѓа бел штрк со повредено крило. Филмот ја имаше својата светска премиера на 82. Венециски фестивал, во програмата „Out of competition“, а ја освои наградата за најинспиративен филм или т. н. награда на музата (Cinema and Arts Award) на престижна меѓународна платформа што ги оценува филмовите што беа прикажани во официјалните програми во Венеција.
Филмот е копродукција со американската „Конкордија“ и со британската „Корнершоп“, а продуценти се Котевска, кинематограферот Жан Дакар, Јорданчо Петковски и Ана Хашми. Монтажата е изработена од Мартин Иванов. Оригиналната музика за „Силјан“ ја потпишуваат Џо Вилсон Дејвис и Хун Оукпарк, композитори од студиото на „Ханс Цимер“. (Н.И.Т.)












