Премиерно прикажан документарецот на Тамара Котевска пред македонската публика
Документарецот „Приказната за Силјан” на Тамара Котевска што вчеравечер ја имаше својата македонска премиера целосно ги оправда очекувањата на домашната публика. Преполната сала во Македонскиот народен театар, на крајот на проекцијата ечеше од гласниот аплауз и силните и долги овации на присутните.

„Приказната за Силјан” никого не остави рамнодушен: силно емотивна, визуелно магична – преку приказот на штрковите, реална, актуелна и со јасна и нескриена порака – до сите!

Прикажувањето на животот на македонскиот земјоделец Никола (на кого не му се цени трудот и производот кој доаѓа од плодната земја, неговата загрозена егзистенција, иселувањето на неговите потомци заради пристоен живот), убавите, но сега опустошени ниви, села во Македонија како и разделбата со најмилите и останувањето сам ја разбудија и најдлабоката емоција што ја допира душата. Преку Никола и неговата фамилија се претстави реалниот живот на илјадници македонски семејства чии млади, синови, ќерки и внуци, ја напуштија Македонија и кои по светот работат како што напиша Кочо Рацин „за други, туѓи имоти, за туѓи бели дворови“.

Документарецот изобилуваше со реални, емотивни сцени од животот на главните протагонисти, како и со визуелната убавина на летот на штрковите и природата доловени преку камерата на Жан Дакар. Сето тоа го внесуваше гледачот во еден прекрасен, мистичен, недопрен свет на кој му се заканува уништување што беше засилено со музиката на Џо Вилсон Дејвис и Хун Оукпарк. Дополнително, филмот преку еден природнонаучен аспект го покажа и животниот циклус на штрковите од испилувањето во гнездата, нивното патување на југ, до враќањето дома. Одредени сцени, како во игран филм, го наведуваат гледачот да се подзамисли што всушност е вистина, а што сакаме ние да биде реално.

Поврзаноста, пак, на Никола кој наоѓа штрк на депонија со скршено крило за кој почнува да се грижи заради сопствената осаменост и паралелата со македонската бајка „Силјан штркот“ во која непослушниот син по клетва се претвора во штрк уште повеќе ја засилува сликата за отуѓеноста од семeјството, но и копнежот за дома, да ги видиш своите, и (можеби) да се вратиш дома оти си поврзан со родната грутка. Таа симболика, толку блиска, реална и актуелна сега, а која е вткаена во македонскиот бит преку многуте печалбарски приказни, драми, романи, македонскиот гледач ја доживува автентично во овој филм.

Со елементи кои укажуваат на богатата традиција, од паганството, преку христијанството, работата на својата нива, грутка, до она што значи современо живеење, филмот го покажува и долгиот временскиот континуум што го има македонскиот народ со оваа земја. Со мистични, фантастични, реални сцени, „Силјан“ е наша приказна, за нашата земја, за нашиот народ, за она што сме, но и за тоа дали можеме нешто на подобро да смениме…

А за пораката која се гледа јасно и од птичјата перспектива на штрковите – не треба ни да се зборува – прекрасната земја што ја претвораме во депонија, уништувањето на луѓето и животните кои зависат од неа, тоа што не ги користиме и цениме плодовите кои доаѓаат од неа, треба да одекне гласно, високо и далеку како летот на штрковите и да стигне до сите!
Сите епитети и оценки што филмот ги доби од светските филмски критичари од својата светска премиера на Венецискиот фестивал досега, како „триумф”, „апсолутен шармер”, „импресивно дело”, ,„прекрасна и нежна меланхолија деликатно поврзано со екосистемот, кој е предизвикан од притисокот на модерниот живот во Македонија”, се потврдија и кај домашната публика, која секогаш е најкритична, и од која сите автори бараат најголемо признание.

И затоа по проекцијата на премиерата режисерката Котевска рече: „Не можам да ја опишам возбудата која ја чувствуваме сите овде вечерва. Без разлика каде бев, не постои чувство кое ќе ми го замени овој настан пред домашната публика. Ова е моја најголема гордост. Овој филм настана за нашата публика и мило ми е што го виде светот, но повеќе ми е мило што денес го видовте сите вие и ќе го гледа цела Македонија. Бидејќи планираме да има премиери и проекции во секој град бидејќи сметам дека луѓето од помалите места и тоа како заслужуваат да го видат“.
Додаде дека луѓето како Никола и неговото семејство ѝ даваат смисла на животот и затоа прави приказни за нив.
-Приказните особено од поскриените места низ Македонија ми се посебно драги, сакам да ги промовирам и да бидам дел од сето тоа. Дел од тие светови делуваат заборавено, но всушност се суштината на нашата култура и ни ги чуваат корените на сите. Посакувам некои работи кои ги видовте во филмот да се сменат засекогаш, но исто така посакувам некои други да не се сменат никогаш, истакна Котевска.

На премиерата на „Силјан“ присуствуваа познати личности од културниот и општествениот живот на нашата земја, но и претставници на државниот врв меѓу кои претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, премиерот Христијан Мицкоски, министерот за култура Зоран Љутков,…
Не изостанаа и нивните позитивните реакции на социјалните мрежи.

„Филмот е моќна приказна за семејството, односите меѓу човекот и природата, борбата за пристоен живот. Се чини дека далеку од дома и од најблиските полесно ја согледуваме и разбираме потребата од припадност некаде и некому. Во право е режисерката кога вели дека филмот добива најголема тежина пред домашната публика, соочена со разбудените болни и искрени емоции“, напиша претседателката Сиљановска-Давкова.

За премиерот Мицкоски, „Приказната за Силјан“ е дело кое уште еднаш потврдува дека македонската кинематографија има глас што одекнува далеку надвор од нашите граници – светско, а наше!
-Филм што допира од Скопје до Њујорк, од Скопје до Лондон. Искрени честитки за брилијантното остварување и надеж дека ова е само еден од многуте идни успеси со кои ќе се гордееме, истакна македонскиот премиер.
Министерот за култура Зоран Љутков, пак, рече дека дека филмот е моќна македонска приказна за човекот и штркот Силјан раскажана со исклучителна чувствителност, суптилност и визуелна убавина.

Како што е познато, филмот е копродукција на американската „Конкордија“ со британската „Корнершоп“, а продуценти се Котевска, кинематограферот Жан Дакар, Јорданчо Петковски и Ана Хашми. Монтажата е изработена од Мартин Иванов. Оригиналната музика за „Силјан“ ја потпишуваат Џо Вилсон Дејвис и Хун Оукпарк, композитори од студиото на Ханс Цимер. Протагонисти во документарецот се Никола Цонев, Јана Цонева, Илина Цонева, Александар Цонев, Александра Цонева, Стојче Филипов, Иле Стојковски.
Од 15 јануари „Силјан“ ќе продолжи да се прикажува во Скопје и низ останатите македонски градови. (Н.И.Т.)












