Документарецот „Приказната за Силјан” на Тамара Котевска по серијата меѓународни фестивалски прикажувања, признанија и награди, на 4. јануари (недела) во 20.30, во Македонскиот народен театар ќе ја има својата македонска премиера.

На премиерата во МНТ е најавено присуство на целата филмска екипа која работеше на третиот документарец на Котевска, а кој ја следи судбината на Никола, земјоделец, кој по тешка криза останува сам и на депонија пронаоѓа  штрк со повредено крило, на кој решава да му помогне. Нивниот кревок, полека граден однос со доверба се претвора во спасоносна врска која му враќа смисла на Никола, ги обновува врските со заедницата и ги буди старите преданија и односот кон природата. „Приказната за Силјан” е визуелно силен и медитативен филм за издржливоста, грижата и малите дела кои менуваат животи. Во документарецот како протагонисти се појавуваат Никола Цонев, Јана Цонева, Илина Цонева, Александар Цонев, Александра Цонева, Стојче Филипов, Иле Стојковски.

Остварувањето е копродукција на американската „Конкордија“ со британската „Корнершоп“, а продуценти се Котевска, кинематограферот Жан Дакар, Јорданчо Петковски и Ана Хашми. Монтажата е изработена од Мартин Иванов. Оригиналната музика за „Силјан“ ја потпишуваат Џо Вилсон Дејвис и Хун Оукпарк, композитори од студиото на Ханс Цимер.

Како што е најавено, по божиќните празници, филмот ќе продолжи да се прикажува во Скопје и низ останатите македонски градови.

„Силјан“, ја имаше својата светска премиера на 82. Венециски фестивал, и оттогаш доби повеќе позитивни реакции и од светската филмска критика и од публиката. „Триумф”, „апсолутен шармер”, „импресивно дело”,„прекрасна и нежна меланхолија деликатно поврзано со екосистемот, кој е предизвикан од притисокот на модерниот живот во Македонија”, се само дел од оценките кои ги напишаа светските филмски критичари.

Македонскиот кандидат за „Оскар“ за 2025 веќе ја започна својата кинодистрибуција низ светот. Откупен од еден од најреномираните светски дистрибутери на документарни филмови во светот, „Нешенал џеографик документари филмс“, има можност да стигне до публика во над 170 земји преку каналите на „Нешнал џеографик“ и на „Дизни+“. (Н.И.Т.)

ИЗДВОЕНИ