„Приказната за Силјан“ на Тамара Котевска е номиниран за „Најдобар документарец“ на престижната филмска награда „Независен дух“ (Independent Spirit Awards). Наградата е важен индикатор за наградата „Оскар“.

– Ова признание се смета за едно од најпрестижните во светот на независниот филм, и често се истакнува како „трето најважно“, веднаш по Оскарите и наградите „Еми“. Горди сме што приказната допира до сè повеќе луѓе, посочуваат од Агенцијата за филм.

  1. издание на наградите „Индепендент спирит“, славејќи го најдоброто од независниот филм и телевизија, ќе се одржи на 15 февруари, во „Холивуд Паладиум“ во Лос Анџелес, кога ќе бидат соопштени и доделени признанијата за најдобрите.

„Силјан“ на Котевска, за наградата „Најдобар документарец“ на „Индепендент спирит“, ќе се натпреварува со филмовите „Дојдете да ме видите во добра светлина“ на Рајан Вајт, „Бескрајно колаче“ на Питер Скрајвер, „Моите непожелни пријатели: Дел I – Последен воздух во Москва“ на Џулија Локтев и „Совршениот сосед“ на Гита Гандбир.

Инаку, третиот документарец на Котевска неодамна (28 ноември) во ИФЦ (IFC – International Film Centre) во Њујорк ја имаше својата американска кинопремиера, по што започна со прикажување во селектирани кина низ САД. Периодов филмот се закити со неколку награди на фестивали на северноамериканскиот континент, како и со неколку номинации меѓу кои и за престижните награди „Синема ај“ (Cinema Eye Honors).

„Силјан“, инспириран од познатата бајка, е македонски кандидат за наградата „Оскар“ за најдобар интернационален филм, а откупен од „Нешенал џеографик документари филмс“ за прикажување, трча за номинација и за документарното натпреварување за „Оскарите“.

Да потсетиме, документарецот ја следи судбината на Никола, земјоделец, кој по тешка криза останува сам и на депонија пронаоѓа бел штрк со повредено крило. Филмот ја имаше својата светска премиера на 82. Венециски фестивал, во програмата „Out of competition“, а ја освои наградата за најинспиративен филм или т. н. награда на музата (Cinema and Arts Award) на престижна меѓународна платформа што ги оценува филмовите што беа прикажани во официјалните програми во Венеција.

Остварувањето е копродукција со американската „Конкордија“ и со британската „Корнершоп“, а продуценти се Котевска, кинематограферот Жан Дакар, Јорданчо Петковски и Ана Хашми. Монтажата е изработена од Мартин Иванов. Оригиналната музика за „Силјан“ ја потпишуваат Џо Вилсон Дејвис и Хун Оукпарк, композитори од студиото на „Ханс Цимер“.

ИЗДВОЕНИ