Документарниот филм „Приказната за Силјан“, откупен за глобална дистрибуција од „Нешенал џеографик документари филмс“, продолжува да го зацврстува својот меѓународен успех. Филмот, во режија и продукција на Тамара Котевска, заедно со кинематограферот и продуцент, Жан Дакар, доби уште една номинација, овој пат за награда на Американската асоцијација на продуценти (Producers Guild of America – PGA Awards) во категоријата Извонреден продуцент на документарни филмови (Outstanding Producer of Documentary Motion Pictures).

– Ова признание има особена тежина затоа што ПГА (PGA) наградува автори кои преземаат повеќе функции во создавањето на филмот и се изложуваат на големи и често натчовечки напори за да реализираат автентично документарно дело. Во документарниот свет, каде што авторите често се и режисери и продуценти и сниматели и истражувачи и теренски координатори, ваквото признание е потврда за нивната целосна посветеност. Последниве два месеца низ светските премиери и сесиите со прашања и одговори (Q&A), стана јасно што стои зад создавањето на „Приказната за Силјан“. Филмот е резултат на три години снимање во екстремни услови, живот на терен, спиење на депонии во приспособено комбе за живеење (трејлер), денови и ноќи поминати со протагонистите и локалните заедници, долги периоди чекање на штрковите и на нивните миграции и работа без формален буџет или традиционална продукциска инфраструктура. Во тој процес, Американската асоцијација на продуценти ги препозна издржливоста, креативната храброст и пожртвуваноста на Котевска и Дакар, кои ја носеа тежината на филмот во секоја негова фаза. Тие се пример за филм создаден во целост од авторите (тотал филммејкинг), каде што креативната визија, продукциската организација и физичката работа се спојуваат во единствен авторски потпис, се вели во соопштението на ПР-агнецијата, која го промовираше филмот во Македонија.

Со изјава за номинацијата се обратија и режисерката и кинематограферот.

„Оваа номинација за награда можат вистински да ја разберат само оние што навистина го живеат филмот. За нас, ова признание е за сите денови, ноќи, жртви и години посветени на оваа приказна, за животот на терен, за довербата што ни ја дадоа протагонистите и за моментите кога камерата престана да биде камера и стана дел од светот што го снимавме“, посочуваат Котевска и Дакар во заедничката изјава.

Процесот на снимање не бил само технички предизвик, туку и длабоко човечко вкоренување во средината што ја документираат. Со месеци поминати со протагонистите, следејќи го нивниот живот и ретката врска со белите штркови, камерата постепено престанала да биде забележлива. И луѓето и штрковите природно се навикнале на нејзиното присуство, прифаќајќи ја како дел од секојдневието. Овој ненаметлив пристап, изграден врз доверба, време и човечка близина, е препознатливиот печат што Котевска и Дакар го оставаат во своите документарни филмови, овозможувајќи приказните да се развиваат органски и искрено.

Филмот веќе се вброи меѓу најрелевантните документарни остварувања на годината по освоените две награди на Меѓународни награди за документарен филм (International Documentary Awards –IDA) – за најдобар документарец и за најдобра кинематографија, како и по премиерите на најголемите светски фестивали, меѓу кои Венеција и Торонто, и бројните проекции низ САД, Канада и наскоро во Британија. Откупот од „Нешенал џеографик документари филмс“ дополнително го засилува неговото глобално присуство и поддршка во тековната оскаровска кампања.

ИЗДВОЕНИ