Силјан и Тамара Котевска, по Венеција “летаат“ на премиера во Торонто

31

Интересно е што оригиналната музика за „Силјан“ ја потпишуваат Џо Вилсон Дејвис и Хун Оукпарк, композитори од студиото на Ханс Цимер. Цимер е германски филмски композитор познат по музиката во филмовите „Интерстелар“, „Гладијатор“, „Дина“, „Почеток“ (Inception), „Пиратите од Карибите“…

Најновиот документарец на Тамара Котевска „Силјан“ (The Tale of Silyan) по својата светска премиера која ќе ја има наскоро во селекцијата Out of Competition на Венецискиот фестивал (29 август), ќе ја доживее и својата северноамериканска премиера на 50. Меѓународен филмски фестивал во Торонто (4 до 14 септември), каде е во официјалната натпреварувачка програма.

Том Пауерс, селекторот на документарни филмови на Меѓународниот филмски фестивал во Торонто и уметнички директор на најголемиот американски фестивал за документарци – DOC NYC за македонската режисерка вели: „Котевска работи во свој сопствен поетски регистар, користејќи го филмот не за да поучува, туку за да отвори очи и срца кон животи кои инаку би останале невидливи“.

„Силјан“ е вистинска приказна со бајковиден пристап инспириран од македонски фолклор од 17 век. Филмот ја следи врската меѓу еден земјоделец – Никола, кој по земјоделската криза останува сам, и бел штрк со повредено крило што го наоѓа на депонија. Од тој момент започнува реална бајка, огледало за човечките судбини и насоката по која се движи општеството. Фармерите Никола и Јана, со нивната игрива љубов и тивка болка, стануваат живи сведоштва за тоа како економските сили ги разнебитуваат традиционалните животи…

„Во најзаборавените, но најбогати и живописни предели успеав да најдам приказна што е совршено огледало меѓу животите на белите штркови и човештвото воопшто“, вели Котевска за своето остварување.

Тамара Котевска

Инаку, светските права за интернационална продажба на филмот се откупени од англискиот дистрибутер „Dogwoof“ од Лондон, компанија позната по современи документарци со Оскар и BAFTA номинации, а ова е нивна втора соработка со Котевска по успехот со „Медена земја“.

„Чест е повторно да се соединиме со Тамара, која повторно му подари на светот кинематски дијамант – магична документарна бајка што ќе ги остави без здив гледачите ширум светот“, изјави Оли Харботл од „Dogwoof“.

Од продуцентскиот тим сметаат дека вклучувањето на „Dogwoof“ е силен индикатор дека „Силјан“ веќе се гледа како сигурен кандидат за престижната номинација за Оскар.

Американската UTA Independent Film Group, пак, ги обезбеди правата за Северна Америка, а на продукцискиот тим му се приклучи и „Concordia Studios“, чија продуцентка Кејси Меурер вели: „Уште од првиот разговор со Тамара, ’Concordia’ беше ’all-in’. Тамара е исклучителен талент – нејзината храброст, уникатна визија и нејзината безрезервна посветеност на создавање филмски дела блескаат од секој кадар на ‘Силјан’. Пресреќни сме што ’Dogwoof’ ни се приклучи во тимот“.

Интересно е и што оригиналната музика за „Силјан“ ја потпишуваат Џо Вилсон Дејвис и Хун Оукпарк, композитори од студиото на Ханс Цимер. Цимер е германски филмски композитор познат по музиката во филмовите „Интерстелар“, „Гладијатор“, „Дина“, „Почеток“ (Inception), „Пиратите од Карибите“…

–Нивната музика, длабоко емотивна и суптилно слоена, создава звук што дише заедно со кадрите, поддржувајќи ја тивката болка, нежноста и визуелната поетика на „Силјан“. Композициите не само што го надополнуваат наративот туку стануваат посебен лик во филмот, невидлив, но длабоко присутен. Вклучувањето на композиторите од креативниот универзум на еден од најголемите филмски композитори во светот, преставува уште едно значајно признание за уметничкиот квалитет на филмот и за гласот на Котевска во светската документаристика, велат од продукцискиот тим.

Филмот е снимен во период од три години, и започнал како лична идеја која Котевска ја развивала и ја водела до целосна реализација. „Силјан“ е копродукција на „Ciconia Film“, „Concordia Studios“, „The Cornershop“ и продуцентите Тамара Котевска, Жан Дакар (кој е и кинематографер), Јорданчо Петковски и Ана Хашми. Монтажер е Мартин Иванов, а консултанти за наративот се Верица Недеска, Трифун Ситниковски и Suz Courtiz. (Н.И.Т.)

ИЗДВОЕНИ