Наградата „Муза“ ја доделува престижна меѓународна платформа, за извонредни вештини во обликувањето на наративи кои воодушевуваат, привлекуваат и оставаат траен впечаток врз публиката, а се оценуваат филмови кои играат во официјалните програми на Венецискиот филмски фестивал
„Силјан“ е моја лична приказна, поврзана со моите корени и со мојата култура, и затоа можев толку искрено да ја преточам во овој храбар и артистички филм, изјави македонската режисерка Тамара Котевска по повод добивањето на „Наградата на Музата“ (Cinema and Arts Award) во Венеција за нејзиниот документарец, „Силјан“ (The Tale of Silyan).
Наградата „Муза“ ја доделува престижна меѓународна платформа, која ја слави извонредноста и иновативноста во сферата на креативниот дизајн, рекламирањето и дигиталните медиуми. Наградата се доделува за извонредни вештини во обликувањето на наративи кои воодушевуваат, привлекуваат и оставаат траен впечаток врз публиката, а се оценуваат филмови кои играат во официјалните програми на Венеција. Наградата „Муза“ ја препознава инспиративната сила зад уметничките проекти што ги поместуваат границите и поставуваат нови стандарди.
На својата Фејсбук страница режисерката истакна дека филмот го освоил првото место меѓу 20 филмови, односно наградата за најинспиративен филм и протагонисти.
„Не можевме да се надеваме на подобар почеток на патувањето на Силјан“, напиша таа.
„Силјан“ е документарна бајка инспирирана од македонскиот фолклор од 17 век. Филмот ја следи судбината на Никола, земјоделец кој по тешка криза останува сам и на депонија пронаоѓа бел штрк со повредено крило. Од таа средба започнува магична врска што станува метафора за човечкиот опстанок, нежност и надеж.
„Во најзаборавените, но најбогати и живописни предели, успеав да најдам приказна што е совршено огледало меѓу животите на белите штркови и човештвото воопшто“, вели за филмот Котевска.
Филмот е копродукција на американската „Конкордија“ и британската „Корнершоп“, а останати продуценти се Жан Дакар, кој е и кинематографер, Јорданчо Петковски, Ана Хашми и режисерката Котевска. Монтажата е изработена од Мартин Иванов. Оригиналната музика за „Силјан“ ја потпишуваат Џо Вилсон Дејвис и Хун Оукпарк, композитори од студиото на Ханс Цимер.
Како што додава Котевска, ова бил нејзиниот најважен филм досега, затоа што во секоја смисла претставувал најголемиот предизвик за неа и како режисерка и како продуцентка на документарци.
„Го започнав во време кога филмската индустрија во мојата земја беше во длабока криза, и токму затоа решив да тргнам сама, не сакав да стојам во место. Филмот започнат со толку лична инволвираност и страст, за само две години прерасна во она што е денес“, додава таа.
„Силјан“ доби повеќе позитивни реакции и од светската филмска критика. Официјалниот критичар на Венецискиот фестивал вели дека приказната за „Силјан“ има истата извонредна и ненаметната универзалност како „Медена земја“, но со многу подлабок уметнички израз. „Холивуд репортер“ го опишува филмот како „апсолутен шармер, трогателен поглед на врската меѓу човек и птица, со сите нејзини мистерии, топлина и практични предизвици“. Посочува и дека „со мајсторска ’widescreen’ кинематографија од Жан Дакар, беспрекорна монтажа од Мартин Иванов и повеќеслоен музички запис од Дејвис и Оукпарк, филмот се движи меѓу раскошни пејзажи и интимни сцени, создавајќи највозбудливи секвенции што го ставаат фокусот на невозможно елегантните птици и нивните гнезда на покриви, камбанарии и електрични столбови“.
„Врап“ го вброи меѓу трите најдобри документарци во Венеција, нагласувајќи дека нуди „некои од најзачудувачките визуелни поезии и импресивни фотографии од природата што некогаш ќе ги видите.“ „Торонто стар“ го издвои „Силјан“ меѓу 50 филмови што мора да се гледаат годинава и оцени дека „Котевска се издигнува уште повисоко со овој прекрасно снимен документарец.“ „Скрин интернешенал“ истакна дека „Силјан“ е „извонредно и импресивно достигнување“ и филм што би можел да биде фаворит на фестивалите и да се најде во трка за награди. „Индивајр“ го нарече „Триумф. Болно прекрасен. Одличен документарец кој е и заносно поетско дело…“ На платформата Летербокс филмот доби максимална оценка 5/5 од гледачите и публиката.
На 82. Венециски фестивал филмот имаше светска премиера, а се прикажа во програмата Out of competition. По Венеција, филмот ќе ја доживее и својата северноамериканска премиера на 50. Меѓународен филмски фестивал во Торонто (6 септември), каде е во официјалната натпреварувачка програма.