Документарецот „Приказната за Силјан“ на Тамара Котевска го доби признанието на публиката (Audience Choice Prize) на престижните „Синема ај“ награди (Cinema Eye Honors) кои се доделија синоќа во Њујорк.

„Синема ај“ (Cinema Eye Honors), се едни од најзначајните и највлијателни меѓународни награди кои се доделуваат за документарна продукција, а за наградата „Audience Choice Prize“ гласа исклучиво публиката.

Притоа, „Приказната за Силјан“, а за која имаше можност да гласа цела Македонија, победи во конкуренција на документарни филмови од Бразил, Канада, Палестина, Гана, САД, Данска и Нов Зеланд, потврдувајќи дека македонската приказна има моќ да одекне на светската сцена.

Како што посочува Агенцијата која работи ПР за филмот „Приказната за Силјан“, ова признание (Audience Choice Prize) е резултат на масовна поддршка од Македонија и светот, кои се вклучија во гласањето и ја претворија оваа награда во заедничка победа, надминувајќи национални и географски граници.

-Ова е можеби најважната награда што ја освои „Силјан“, затоа што доаѓа од
публиката. Таа не е само признание за филмот, туку и за луѓето кои гласаа за
него. Гласањето за оваа награда ја сплоти македонската јавност и
безусловно го даде својот глас за оваа фолклорна бајка. Во силна меѓународна
конкуренција, победи гласот на публиката и искрената емоција, изјави
режисерката и продуцентка Котевска по повод наградата.

Како што е познато, на почетокот на годинава, „Силјан“ ја имаше својата македонска премиера, а од 15 јануари започнува и неговото киноприкажување во Скопје и останатите градови на Македонија.

На премиерата, „Приказната за Силјан” никого не остави рамнодушен. Преполната сала во Македонскиот народен театар, ечеше од гласниот аплауз и силните и долги овации на присутните. На крајот на проекцијата, покрај Котевска, пред присутните се поклони и дел од екипа која работеше на филмот, меѓу кои и продуцентот Јорданчо Петковски и монтажерот Мартин Иванов, но и дел од протагонистите во документарецот како Никола Цонев и Јана Цонева. Режисерката, пак, појасни дека кинематограферот Жан Дакар не можел да дојде на македонската премиера бидејќи требало да патува за Њујорк, токму заради доделувањето на „Синема ај“ наградите.

„Силјан“ е силно емотивна, визуелно магична и актуелна приказна за родната грутка и за семејството. Го прикажува животот на македонскиот земјоделец Никола, на кого не му се цени трудот и производот кој доаѓа од плодната земја, како и неговата разделбата со најмилите кои се иселуваат од Македонија барајќи пристоен живот. Но филмот ги прикажува и убавите, но сега опустошени ниви, села во Македонија. На депонија, Никола наоѓа штрк со скршено крило за кого почнува да се грижи…

Филмот е копродукција на американската „Конкордија“ со британската „Корнершоп“, а продуценти се Котевска, кинематограферот Жан Дакар, Јорданчо Петковски и Ана Хашми. Монтажата е изработена од Мартин Иванов. Оригиналната музика за „Силјан“ ја потпишуваат Џо Вилсон Дејвис и Хун Оукпарк, композитори од студиото на Ханс Цимер. Протагонисти во документарецот се Никола Цонев, Јана Цонева, Илина Цонева, Александар Цонев, Александра Цонева, Стојче Филипов, Иле Стојковски. (Н.И.Т.)

ИЗДВОЕНИ