Сиљановска и Филипче со свои рецепти како до ЕУ

Македонија го бара патот до ЕУ што го нема на мапа. Од иницијатива за средба Скопје-Софија во Хаг, под капата на Унијата и НАТО, до понудена медијација од Виена и поддршка од Рим, земјава во обид децениските ветувања и вета да ги претвори во отворена врата. Додека претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, од Рим истакна дека земјава ја има поддршката од претседателот на Италија, Серџо Матарела, кој порачал дека Европската Унија не смее да дозволи да бидеме жртва на идентитетски прашања или нивна билатерализација врзана за идентитетски прашања, лидерот на опозициската СДСМ, Венко Филипче, излезе со најавените предлози за тоа како да се одблокираат евроинтеграциите на земјава, иако ВМРО-ДПМНЕ го одби неговиот повик на за лидерска средба. Едно од клучните прашања за кои, според Филипче, треба да се седне и да се разговара подетално е толкувањето на протоколите и работата на историската комисија, во чија работа предлага земјава да побара да присуствуваат и да учествуваат странски експерти

507

Иако ВМРО-ДПМНЕ го одби повикот на лидерот на СДСМ, Венко Филипче, за лидерска средба и му порачаа да не си го крева рејтингот преку прилики за лидерски, тој, како што претходно најави, на националниот совет за евроинтеграции со кој претседава, ги даде своите предлози за најважните точки поврзани со реформскиот пат и националните интереси, за кои според него, најголемите политички партии треба да разговараат на лидерска средба. Филипче изрази жалење што премиерот Мицкоски ја одбил средбата без да го слушне објаснувањето. Тој истакна дека е потребно суштинско појаснување на некои аспекти од процесот. Едно од клучните прашања за кои, според Филипче, треба да се седне и да се разговара подетално е толкувањето на протоколите и работата на историската комисија, во чија работа предлага земјава да побара да присуствуваат и да учествуваат странски експерти.

-Кога разговараме за некои многу битни точки, како што е националниот консензус, кога сите сме свесни дека треба да го постигнеме, притоа и да сме многу свесни дека живееме во мултинационална и мултикултурна држава, сметам дека на ова прашање треба да се пристапи многу сериозно. Очигледно е дека некои работи можеби различно ги читаме, можеби различно ги толкуваме. Ако „лебди“ мислењето дека историската комисија може да е пречка во евроинтегративниот процес, после уставните измени, а во Протоколот 2, јас сметам дека јасно пишува дека никаде тоа не е услов, туку напротив, дека владите ја охрабруваат работата на историската комисија. Сите одлуки таму се носат со консензус, значи мора двете влади да се согласат на одлуките пред да почнат да се разгледуваат другите точки како што доаѓаат на дневен ред, изјави Филипче.

Тој вели дека не е запознаен во детали со предлогот на претседателката на државата, Гордана Силјановска-Давкова, но дека секој предлог што ќе значи подобрување на нашата преговарачка позиција или откочување на нашиот евроитегративен пат, тој и СДСМ ќе го поддржат.

-Друго за што може да разговараме е да изнајдеме начин да се модифицира работата на историската комисија. Да побараме странски експерти да присуствуваат и да учествуваат во таа работа – на пример, луѓе кои имаат искуство во работата на вакви теми. Германија со Полска, Германија со Австрија. Има простор за разговор на овие теми. Сметам дека најлошата работа е да не се обидеме ништо да направиме, рече претседателот на СДСМ.

Филипче смета дека навреме треба да се реагира, во контекст на актуелните пораки од Брисел.

-Сметам дека се многу јасни пораките на претседателот на Европскиот совет и на еврокомесарката Каја Калас – дека сега е моментот ние да фатиме чекор со Црна Гора и Албанија, кои со крупни чекори чекорат напред, и очекувањата се дека за период од две до три, максимум четири години, може да се веќе на прагот на ЕУ, рече тој и додаде дека останува посветен на конструктивен пристап.

Лидерот на СДСМ рече дека и во иднина ќе продолжи да повикува на обединување и заеднички пристап во одлучувањето за важните прашања од државен интерес и останува на идејата за сите овие теми да се разговара на лидерска средба.

-Јас ќе продолжам да апелирам, да бидам конструктивен, да изнаоѓам предлози за кои би разговарале. Меѓутоа, ова е работа за која сепак лидерите на најголемите партии треба да седнат заедно и тоа во овој временски период, затоа што очигледно постои расположение сега во ЕУ да се поддржи овој процес, а тоа го гледаме по примерот на Албанија и Црна Гора, истакна вчера Филипче, кој имаше средба со премиерот Мицкоски на почетокот на минатиот месец, на која договорија работни групи да работат на повеќе законски решенија, кои се дел од реформската агенда.

Скопје до Брисел преку Виена-Рим-Хаг

Во исто време, претседателката на државата Гордана Сиљановска-Давкова, во Рим се сретна со претседателот на Италија, Серџо Матарела, кој порачал дека Европската Унија не смее да дозволи да бидеме жртва на идентитетски прашања или нивна билатерализација врзана за идентитетски прашања. Во изјава за медиумите по средбата со Матарела, претседателката нагласи дека шефот на Италијaнската Република е наш голем пријател и оти во разговорите ги реафирмирале заложбите за реинтеграција на Западен Балкан во ЕУ.

-Тој веќе разговарал со претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, и со претседателката на ЕК, Урсула фон дер Лајен, за она што нам ни се случува. И не само како наш пријател туку и како голем пријател на Западниот Балкан рече дека ЕУ не смее да дозволи ние да бидеме жртва на идентитетски прашања или на билатерализација врзана за идентитетски прашања. Очекува, и јас очекувам, да дојде до разговори со нашите соседи за да видиме кое можеби е најдоброто решение, рече Сиљановска-Давкова.

Таа на средбата со Матарела повторно ги реафирмирала нашите заложби за гаранции, бидејќи како што наведе „ако биде уште една од промените на кои укажува ЕУ, тогаш не само што нема ништо да добиеме ние, туку нема ништо да добие ни Балканот, бидејќи приказната за ветото и за билатерализацијата на евроинтеграцијата ќе се повтори“.

-И папата и претседателот на Италија велат дека биле и остануваат наши пријатели и дека на тој пат нема да ги заборават ниту принципите на ЕУ на кој јас повторно потсетив, бидејќи ЕУ без принципи и вредности не може да биде филозофија, не може да биде престижна и инспиративна заедница, но исто така и на потребата да седнеме културно со соседите во случајов со Бугарија и да го решиме проблемот, изјави Сиљановска-Давкова.

Креативна дипломатија

Изминатиот викенд, во интервју за Радио Слободна Европа, претседателката најави дека е можна креативна дипломатија во Виена за одблокирање на евроинтеграцијата и дава свои сугестии.

– Креативна дипломатија, да. Нам ни е јасно дека преговарачката рамка е усвоена. Нам ни е јасно дека е тешко таа да се менува, иако случајот на Србија го покажа и поинаквото. Затоа јас велам дека штом ние укажуваме на проблеми поврзани со нашето преговарање, тогаш и ЕУ треба да вложи енергија креативно да овозможи наше напредување и мислам дека ова што го спомнувате е на таа линија. Еве моите предлози што се: Европскиот парламент може да донесе некаков акт за состојбите меѓу нас и Бугарија. Може исто така Советот да даде некакви инструкции. Може, исто така, еве да се во некаков акциски план до историската бугарско-македонска комисија да се предочи, тие може да бидат слободни но да внимаваат, иако вие велите дека е теорија. Не е теорија. Тоа се уставни акти на ЕУ, и тие треба да ги почитуваат не само во однос на членовите, туку и во однос на сите други. Значи, да им се предочи. Два протоколи потпишавме, така? Еве може уште еден, но да не можат да бидат основ за вето, туку дека ќе се разговара слично како што разговараа Германците и Французите, Полјаците и Германците за да видиме како низ интерпретација на решенијата можеме да дојдеме до конечен договор. Да потенцирам, во договорот за пријателство и добрососедство со Бугарија нема ниту еден член ниту еден збор за уставни измени. Уставните измени никнаа од првиот и од вториот протокол, вели претседателката.

Таа истакна дека Австрија е подготвена да разговараме за изнаоѓање креативно решение со Бугарија и смета дека во моментов најважното за ЕУ е политиката на проширување да се спроведе. Според претседателката, министерката за европски и меѓународни работи на Австрија, Беате Мајнл-Рајзингер, за време на средбата во Скопје минатата недела изјавила дека би сакала разговорите за решавањето на овој спор да се случат во Виена.

Во меѓувреме, сè уште нема потврда дали ќе се случи средба на македонската претседателка Гордана Сиљановска-Давкова, со нејзиниот бугарски колега, Румен Радев, идниот месец на НАТО-самиот во Хаг, под капата на ЕУ, НАТО и САД, во форматот што го предложи македонскиот премиер Христијан Мицкоски. Сепак, дел од познавачите порачуваат дека македонската страна не треба да има големи очекувања од средба во ваков формат и покрај најавеното присуство на високи претставници на меѓународната заедница и единствен начин за придвижување кон конечно решение, е промена на позициите или на Софија, или на Скопје. Поранешниот амбасадор Ристо Никовски, е убеден дека Софија ќе мора да прифати средба, бидејќи инаку ќе покаже некооперативност. Никовски не е сигурен дека разговорите со нив треба да ги води претседателката на државата. (В.С.Н.)

ИЗДВОЕНИ