– Книгата мора да биде достапна, таа не смее да биде луксуз, туку право. Книгата е продолжение на нашата колективна свест. Книгата е и отпор против заборавот, крвоток на културата, столб на демократијата и учител кој никогаш не заминува во пензија. Во време на дигитални лавини, наслови што трепкаат, информации што исчезнуваат побрзо отколку што се појавиле, книгата останува тивок, но моќен отпор. Таа не нè преплавува, таа нè обликува. Не ни кажува што да мислиме, туку нè учи како да мислиме – тоа е нејзината најголема сила. Книгата е најголемиот дар што една нација може да си го подари себеси, рече денеска министерот за култура и туризам Зоран Љутков, на отворањето на 37. издание на Саемот на книгата, во Скопје.
Како што додаде, годинава, Саемот на книгата добива уште поголема тежина, затоа што се совпаѓа со значајниот јубилеј – 80 години од кодификацијата на македонскиот литературен јазик.
-Овој историски чин не беше само лингвистички подвиг, туку цивилизациски скок. Благодарение на визионерите, како Круме Кепески, Блаже Конески, Харалампие Поленаковиќ и други, македонскиот јазик доби свои темели, а со тоа – и македонската книга доби свој автентичен глас. Во духот на Конески, кој рече: „Јазикот е нашата татковина“, дозволете ми да додадам – Книгата е нашиот патоказ, посочи Љутков.
Саемот на книгата е празник на слободната мисла, на различноста, љубопитноста, на тишината која зборува, на јазикот кој живее. Истакна дека како македонска Влада и Министерство ќе ја продолжат поддршката на издаваштвото, промоција на читањето меѓу младите, и заштита на македонскиот јазик како непроценливо културно богатство.
-Нека не нè залажува брзината на времето – вистинските вредности не трчаат, тие чекорат полека и сигурно, затоа остануваат. Tаму каде што се книгите – слободната мисла никогаш не заспива, заврши Љутков.
Македонската претседателка Гордана Сиљановска-Давкова, како познат библиофил, го прогласи за отворено 37. издание на Саемот на книгата што ќе трае до 14 мај во СЦ „Борис Трајковски“ под мотото „Храна за душа“.
-Прекрасно се чувствувам овде. Како гледам на настанот: Во ера на некултурен натпревар на народите – ова е обид за културен натпревар на народите, рече таа.
Кажа дека таа е една од ретките која на свадба им подарува книги на младенците и им пишува: „Ако политика е уметност на можното, бракот е уметност на неможното, но вреди да пробате да бидете уметници. Како? Преку книгите ќе научите.“
Рече дека ѝ недостигна Саемот на книгата – зградата како објект, и дека треба што поскоро да создадеме дом на книгата. Ги поздрави и сите наши автори, писатели, поети како најголеми македонски културни амбасадор низ светот, но и читателите и љубителите на книгата.
Во однос на јубилејот – 80 години македонски литературен јазик, потенцираше дека може да се кодифицира нешто што е создавано со векови, но не може да се измисли јазик!
Претседателката истакна и дека книгите кои ги читаме зборуваат за нас, нашите идеали и идеи повеќе отколку нашата биографија или нашиот профил на социјалните мрежи. Таа го постави и прашањето колку денес во време т.н. „ера на расеаност“ или т.н. „диктатура на ургентното“, имаме или издвојуваме време за читање.
-Без слободно време нема читање книги, а без читање на книги нема размислување, додаде Сиљановска-Давкова, истакнувајќи дека доколку не читаме – тоа ќе нè доведе до духовен и интелектуален банкрот.
На сите млади, ученици, студенти им порача да читаат, но и критички да размислуваат.
„Ако го загубиме односот кон книгата, ќе го загубиме својот човечки идентитет“, посочи Сиљановска-Давкова, цитирајќи го Петре М. Андреевски. (Н.И.Т.)
Фото: П. Стојановски