Со посетата на македонската православна црква „Раѓањето на Пресвета Богородица“ во Стерлинг Хајтс, Мичиген и средбата со македонската заедница, претседателката Гордана Сиљановска-Давкова ја заокружи работната посета на САД. Таа присуствуваше на утринската литургија што ја одржа отецот Синиша Ристовски и оствари куса средба со Митрополитот на Американско-канадската епархија на МПЦ – ОА, Владиката Методиј. Во име на свештенството, отецот Синиша истакна дека им претставува огромна чест присуството на претседателката Сиљановска-Давкова. „Вие носите одговорност којашто инспирира доверба, почит и надеж, со секоја ваша одлука, иницијатива и моќ, да ги преобрази животите, да ги осветли патеките на вистината и да создаде мостови на соработка и разбирање меѓу народите“, порача по литургијата отецот Синиша.
Претседателката го изрази своето задоволство од топлиот прием од претставниците на македонската заедница за време на нејзината посета во Њујорк и Детроит и посочи дека нивните постапки и посветеност се доказ дека каде и да сме, не го губиме македонскиот идентитет.
„И кога сум во САД, само заради вас јас се чувствувам како да сум дома. Тоа е она што ме прави горда на вас. Ние мора да си ја повратиме дијаспората“, порача претседателката.
Таа укажа на важноста од одржување и засилување на врските со македонските иселеници и ги реафирмираше заложбите за формирање на Совет за дијаспора и регистер на дијаспората.
Оддавајќи им признание на нашинците за нивната успешност на професионален план дури и во најкомпетитивните држави како САД, претседателката им посака уште многу успех.
Цитирајќи го Бернард Шо кој рекол дека ,,се може да смените во животот, но татковината не може”, Сиљановска-Давкова порача: „Мораме тоа што сме го наследиле да им го пренесеме на своите деца, ако сакаме да опстоиме“.
Претседателката го посети и Неделното црковно училиште што функционира во рамки на црквата, а каде што околу 120 македонски деца имаат можност да се запознаат со православната религија, со македонската традиција и да го изучуваат македонскиот јазик.
Претседателката Гордана Силјановска – Давкова, пред обраќањето на Генералното собрание на ОН во Њујорк, се обрати и на пленарната сесија посветена на 30-годишнината од Светската програма за млади. Како што јави известувачот на МИА, Силјановска – Давкова истакна дека ниту една земја, ниту еден регион не може да напредува ако ги занемарува младите.
– Затоа Обединетите нации ја усвоија Светската програма за акција за млади. Денес, додека ја одбележуваме оваа годишнина, ги признаваме и успесите и недостатоците. Многу е направено, но, исто така, многу останува да се направи – рече претседателката.
Обраќајќи се кон младите, претседателката посочи дека во младоста ја привлекувале филозофските стихови на „Пинк Флојд“, особено песната „Another Brick in the Wall“, во која тие го отфрлаат образованието засновано на контрола на мислата и им порачуваат на наставниците да ги остават децата на мир.
На пленарната сесија посветена на 30-годишнината од Светската програма за млади се обрати и претседателката на Генералното собрание на Обединетите нации, Аналена Бербок и Генералниот секретар за млади, Фелипе Полие.