На свеченото отворање на 4. издание на Интернационалниот фестивал на детски театри „Игор Маџиров“, свои обраќања имаа претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, која е покровител на фестивалот и министерот за култура и туризам, Зоран Љутков. Според претседателката, името на фестивалот го отсликува и наликува на профилот и сензибилитетот на извонредниот, прерано починат Игор Маџиров, чии незаборавни улоги од него направија театарска легенда
Со младинската претстава „Франкенштајн“ во режија на Кокан Младеновиќ и под слоганот „Сцена за сечиј сон“, синоќа во Театарот за деца и младинци свечено беше отворено 4. издание на Интернационалниот фестивал на детски театри „Игор Маџиров“.

Фестивалот, оваа година во четири дена пред македонската публика носи престави од повеќе регионални детски театри, односно од Србија, Хрватска, Романија, Грција, како и од нашата земја.
Како што посочија од ТДМ, во чија организација е фестивалот, годинава е направен специјален избор на шест претстави кои се во официјалната конкуренција и ќе се натпреваруваат за фестивалските награди, освен „Франкенштајн“, која се прикажа на свеченото отворање. Годинешното издание во фокус ги става младите, тие што бараат одговори, нивните светови, дилеми, надежи.
-Тоа се претстави кои зборуваат за многу суштински теми со кои денешните млади генерации се соочуваат, како што се нивните љубовни предизвици, нивните анксиозности, нивната отуѓеност во денешното време, истакнаа организаторите на фестивалот.
На свеченото отворање, свои обраќања имаа претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, која е покровител на фестивалот и министерот за култура и туризам, Зоран Љутков.
Според претседателката, името на фестивалот го отсликува и наликува на профилот и сензибилитетот на извонредниот, прерано починат Игор Маџиров, чии незаборавни улоги од него направија театарска легенда.
Акцентирајќи ја не само естетската туку и педагошката мисија на Театарот за деца и младинци, Сиљановска-Давкова изрази неизмерна почит кон актерите и сите вработени во театарот кои, од скромен, но топол амбиент, небаре волшебници, создаваат прекрасна сцена, налик на онаа од соништата.
Таа укажа и на потребата од нова, пристојна театарска куќа, обраќајќи се до надлежните институции со зборовите: „Уште еднаш посакувам овој минијатурен дом на Театарот за деца и младинци да порасне, како што пораснаа децата кои во изминатите три децении го посетуваа и му се насладуваа. Просторното растење нека соодветствува на потребите на домаќините, но и на гледачите”, додаде претседателката.
Министерот Љутков, кој и самиот е актер, пак, истакна дека да се игра за деца и младинци е подарок.
-А да им се зборува преку театарот со нивниот јазик, да им се одговара на нивните прашања и нивните соништа – тоа е храброст. Токму оваа сцена го носи најчистото, најдлабокото и најважното во театарот: искреноста на децата, храброста на младоста и силата на сонот. Фестивалот е начин да им се обратиме на младите и да им кажеме: ви посветуваме сцена. Вие сте нашата инспирација, рече Љутков.
Тој потсети и на значењето на Игор Маџиров – актерот и визионерот по кого фестивалот го носи своето име.
„Игор беше и ќе остане вечното дете во светот на театарот. Во негова чест, овој фестивал и секоја претстава е и спомен и продолжение“, додаде министерот.
Инаку, на вториот фестивалски ден (16 октомври) се изведуваат претставите „Играј со мене!“ на Андреј Бока во продукција на Детскиот театар од Суботица, Србија и „Малата Фрида“ на Аница Томиќ, продукција на Градскиот театар „Жар птица“ од Загреб, Хрватска (19,30 ч). Двете претстави се во Албанскиот театар. Следуваат претставите (17 октомври) „Свадби на животни и нешта“ на Театарот „Сенки и облаци“ од Македонија (11 и 13 часот) и „Прозорецот“ на Давид Зуазола во продукција на Театарот за деца и младинци од Темишвар, Романија (19,30 часот). Првата претстава е наменета за деца над 5 години, а втората за деца над 12 години, и ќе се прикажат во ТДМ. Последниот фестивалски ден (18 октомври), пак, започнува со „Како оздраве штурецот“ на Никола Завишиќ во продукција на Мал театар „Душко Радовиќ“ од Белград, Србија, (12 часот, Театар Комедија), намената за деца над 8 години. Фестивалот ќе заврши со „Сино“ на атинскиот театар „Хоп Сињор“, (19,30 часот), наменета за младинци, над 14 годишна возраст и ќе биде прикажана во ТДМ, по што следува доделување на фестивалските награди.