Единство за македонските евроинтеграции и правда по трагедијата во Кочани, побара претседателката Гордана Сиљановска–Давкова во своето годишно обраќање пред пратениците во Собранието. Претседателката порача дека се неопходни национален консензус за евроинтеграциите и јасни, цврсти гаранции од Европската Унија и од Бугарија, за да се надмине долгогодишната блокада на македонскиот европски пат. Соред шефицата на државата, проблемот со ЕУ не е административен, туку суштински политички. Претседателката предупреди дека по промената на името на државата, секоја нова уставна измена што се бара од Македонија изгледа „бенигна“ за ЕУ, но носи сериозни последици за државата.
– Прашањето на уставните амандмани не е техничко, туку политички критериум. Затоа се потребни јасни и недвосмислени гаранции. Без јасни гаранции од ЕУ и од Бугарија и без соодветни заштитни механизми, со уште една уставна промена, ризикуваме да излеземе од процесот исто како што старецот на Хемингвеј излезе од морето – само со рибини коски, со соголен национален и културен идентитет– рече Сиљановска–Давкова, додавајќи дека без поширок политички и општествен договор, секоја одлука ќе остане кревка. Сиљановска-Давкова потенцира дека Македонија има суверено право на европско членство, но дека процесот мора да биде фер и транспарентен.
Ако има речение за Украина, ЕУ да најде и за нас
Осврнувајќи се на блокадата на пристапните преговори, претседателката постави директно прашање до Брисел: зошто ЕУ не наоѓа политичко решение за Македонија, ако веќе го сторила тоа во други случаи.
– За да продолжат преговорите, потребна е политичка волја – наша, но и на Унијата. Ние понудивме повеќе политички решенија. Ако ЕУ можеше да најде решение за Украина, може да го стори тоа и за Македонија, истакна таа.
Според неа, има излез од оваа состојба, но потребна е политичка волја, но не само наша туку и на Унијата.
– Ние сме предложиле повеќе излезни решенија, а ЕУ треба да избере едно, да најде свое креативно решение за деблокада на процесот. Ако има решение за Украина и Молдавија, лесно ќе се најде и за нас, потенцира Сиљановска Давкова.
Таа потсети дека највисоките оценки од Европската Унија Македонија ги добила во периодот од 2017 до 2020 година, кога беа потпишани Договорот со Бугарија и Преспанскиот договор, а денес земјата е сведена на „ограничен напредок“.
– Оттука, вистинската пречка за нашиот европски пат не се копенхагенските критериуми, ниту реформите, туку прифаќањето решенија и услови што не се врзани со владеењето на правото. Во случајот со македонските евроинтеграции, проблемот не е административен, туку лежи во уставните амандмани. Ние сме технички усогласен, но политички блокиран кандидат за членство, велат бројни експерти и извештаи. Брзата лента на која се најдоа некои земји-кандидати не е резултат само на нивните реформи, туку и на политичката волја на Унијата. На вагата на Европската Унија, чинам дека нашите уставните измени како да имаат поголема тежина од суштинските реформи. Независно колку реформски постигнувања додаваме, на крајот, политичкиот услов натежнува и ни се испорачува многу висока политичка сметка, нагласи претседателката и посочи дека најнов услов сега е внесувањето на Бугарите во Уставот, иако во 1996 година во студија за „Повторното враќање на демократијата“ Уставот на Македонија се нашол меѓу 12 најдобри што биле издвоени.
Претседателката рече дека „ако бриселските уставно-правни експерти фрлеле компаративен поглед врз нашите и бугарските уставни решенија во поглед на степенот на гарантирањето и заштитата на малцинските права, како и на релевантните мислења на Венецијанската комисија, лесно ќе утврделе каде е проблемот, а кој исполнува високи стандарди на малцинска заштита!“ Во контекст на евроинтеграциите, таа зборуваше и за отворањето можност за трети сили, со изоставањето на Макеоднија надвор од Унијата.
-Кому му одговара да бидеме надвор од ЕУ, ако не на третите сили? Кој отвара врата за влијание на трети сили, зарем е можно тоа да биде земја-членка на ЕУ и наш прв сосед? Како Европската Унија претендира да биде геополитичка унија, а притоа да ја држи нашата земја и Западниот Балкан во геополитички вакуум? Двојните стандарди нѐ доведоа до чудна ситуација. Испитувањето на јавното мислење манифестира дека, од една страна, сè уште имаме висок процент на поддршка за ЕУ интеграцијата, а истовремено, од друга, растечки сомнеж дека било кога ќе се интегрираме во Европската Унија. Македонските граѓани ја сакаат целта, но престануваат да веруваат во патувањето, рече македонската претседателка во обраќањето.
Трагедијата во Кочани – „ѕидот на срамот“
Посебно емотивен дел од говорот беше посветен на трагедијата во Кочани, во која во пожар загинаа 63 лица. Сиљановска–Давкова порача дека таа трагедија ќе остане колективна траума и болно потсетување на слабостите на системот. Претседателката посочи дека во случајот со кочанската дискотека, на површина излегоа недостигот на системска култура и неказнивост и ја истакна потребата за длабоко преиспитување. Претседателката побара од политичките партии и политичарите да ги прекинат препукувањата на дневна основа и да не го користат судскиот процес за Кочани за партиски поени. Со овој судски процес, како што рече, ќе се види дали судството ќе ја стекне или трајно ќе ја изгуби довербата кај граѓаните. Неслучајно, додаде таа, преговорите со ЕУ почнуваат и завршуваат со правосудството. Сиљановска Давкова истакна дека Кочани покажува дека владеењето на правото и искоренувањето на корупцијата не е техничко прашање, туку прашање на живот и смрт.
-Посебно значајна беше брзата реакција на соседите. Во време кога политичките односи често се оптоварени со недоразбирања, трагедијата потсети на едноставната вистина: географијата не може да се менува, но човечноста може да ги надмине сите бариери. Покажаната солидарност дополнително ги зајакна пријателските врски меѓу народите во регионот. Но, Кочани не беше само трагедија. Тој настан нè доведе до ѕидот на срамот, а потоа и до можноста за катарза, оти оваа трагедија не беше само чин на несреќа, туку и на системски пропусти. Толерирањето на корупцијата, несанкционирањето на криминалот и институционалната одговорност ја зголемуваат опасноста до точка на катастрофа. Во случајот на Кочани, не зборуваме само за право, туку за правда, етика и морал. Овој процес е тест за реалната решеност за владеење на правото, а не само декларативно на хартија, рече претседателка и порача да ги оставиме обвинителите да обвинуваат, а судиите да судат. Од политичарите побара да ги прекинат дневно-политичките препукувања на сметка на болката на семејствата.
Правосудството како клучен тест
Сиљановска–Давкова изрази надеж дека Собранието наскоро ќе го донесе новиот Закон за Судскиот совет, по што таа, како претседателка, ќе ги номинира своите двајца претставници.
– Од успешноста на правосудните реформи ќе зависи дали судството ќе има сила да каже „не“, кога политиката ќе му каже „да“. Од тоа ќе зависи, дали ќе ја зацврстиме довербата на граѓаните во правото и правдата, иако во правосудната сфера не постои формална обврска за усогласување со европското законодавство, јасно е дека без правна рамка компатабилна со најдобрите европски практики не може да има владеење на правото. Реформите мора да бидат водени од принципи, а не од партиски интереси. Од знаење и интегритет, а не од партиска лојалност, истакна претседателката.
Во своето второ годишно обраќање пред пратениците како претседател на државата, Сиљановска Давкова опфати широк спектар теми – од евроинтеграциите и уставните измени, преку правосудството, до трагедијата во Кочани и состојбите во општеството. Претседателката зборуваше и за реформите во јавната администрација, иселувањето на младите и егзодусот на таленти, прекумерната урбанизација и загадувањето, заштитата на водите и шумите, како и за борбата против фемицидот, кој го нарече „системски неуспех“ и побара нулта толеранција. Таа се осврна и на хибридните и сајбер заканите, за дијаспората и националната стратегија за дијаспора, за армијата и културата.
Претседателката оцени дека зголемената соработка со важни европски држави, како што се Обединетото Кралство и Унгарија, исто така служи како стабилизирачки фактор за време на кризи и го поддржува развојот на нашата држава.
-Што се однесува до темата за одбиените баратели на азил во Обединетото кралство, јас ќе повторам дека ако одредени поединци се безбедносен ризик за Британија, тогаш, по дефиниција, тие се уште поголема закана за нашата безбедност и ние водиме сметка за ова, рече Сиљановска Давкова.
На годишното обраќање присуствуваа премиерот Христијан Мицкоски, поранешните претседатели на државата, претседателот на Уставниот суд Дарко Костадиновски, претставници на судската власт, дипломатскиот кор, верските заедници и други високи гости. (В.С.Н.)












