Сиљановска-Давкова: Ние не сме стебло без корен, не се откажуваме од патот кон ЕУ

36

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, денеска на Денот на Републиката се обрати на граѓаните на Мечкин Камен во Крушево.

-На овој празник над празниците се потсетуваме на вековната македонска борба за самостојна и суверена држава. Нејзините темелни вредности и принципи, со крв се запишани во возвишената Magna Carta Libertatum ̶ Крушевскиот манифест: слобода или смрт, правда, еднаквост и соживот. Тука, на Мечкин Камен, за нив се жртвувале Питу Гули и неговите соборци, задолжувајќи ги сите следни македонски генерации на вечна благодарност, овековечена во химната пред којашто со почит стоиме и денес! Веројатно, нема човек кој не се запрашал: Како безвременските републикански идеали се нашле во нашиот манифест? Каде се корените на Илинденското востание и на нашата Крушевска Република?, нагласи Сиљановска – Давкова.

Говорејќи за историските аспекти на борбата за ослободување и создавање на независна држава, претседателката ја нагласи важноста од создавањето на Крушевската република.

-Крушевската република била демократска, инклузивна кон различните, но и краткотрајна државна творба. Сепак, не смее да се превиди дека таа е вистинскиот предвесник на македонската нова република: Асномска Македонија! Да ве потсетам: не случајно, на ден Илинден 1944-тата, Панко Брашнаров го отворил првото, државотворно заседание на АСНОМ сеќавајќи се на „оазисот на слободна Македонија – Крушовската Република“. Не случајно, Манифестот на АСНОМ се повикува на континуитетот со илинденската епопеја и Крушевската Република. Не случајно, републиканските и демократски идеали на Крушевскиот манифест се вградени во асномските документи, а преку нив и во темелите на народната македонска држава никната во Народноослободителната борба!, нагласи претседателката на Мечкин Камен и додаде дека Републиката е синоним за слобода, за право, за правда и за рамноправност.

-Републиката постои заради општото добро, заради сите граѓани, без оглед на каква било припадност, за да ни овозможи да напредуваме врз знаење, способност и труд, а не врз основа на статусни привилегии и врски, нагласи претседателката.

Зборувајќи за создавањето на самостојна и независна Република Македонија во 1991-та година, таа ги нагласи и проблемите со кои речиси оттогаш се соочува државата и кои се постојано потенцирани од мешународниот фактор како пречка за развој и интеграција во европското семејство.

-Длабинскиот поглед на државата, разоткрива во изминатите години и децении: ендемска корупција и организиран криминал, слаби институции, силни партии и моќни поединци, вонинституционално одлучување, партократија, како закана за парламентарната демократија, партизирана и политизирана администрација. Несанкционираната одговорност и неказнивоста го руинираа судството, ја деградираа животната средина, ги нарушија меѓуетничките и меѓучовечките односи, продуцираа катастрофи и трагедии, стимулираа неединство околу прашањата од национален интерес, за кои единството мора да биде императив! Најперспективните млади луѓе, Македонци, Албанци, Турци, Срби, Роми, Власи, Бошњаци и други, масовно се иселуваа во потрага по пристојно место за живеење. Меѓу нив, заради нашата вештачка одделеност од ЕУ, од економски причини, има и наши сограѓани коишто посегаат по државјанства на нашите соседи, членки на Европската Унија, што буди националистички апетити кон нас, рече Сиљановска – Давкова.

Таа нагласи дека „ние не сме стебло без корен“ и потсети на максимата на Делчев „за светот како поле за културен натпревар на народите“ во контекст на актуелните предизвици во интеграцискиот пат кон ЕУ.

-Колку и да ни е тешко, не треба да се обесхрабруваме од пречките и препреките. Сме опстоиле и сме надминале и потешки проблеми. Не сме сами. Имаме пријатели – демократи кои го почитуваат нашето право на национален и културен идентитет, на граѓански дигнитет и интегритет зашто и самите го сакаат и уживаат. Верувам во нивната поддршка и помош. Тие не се плашат да укажат и да се спротивстават на двојните стандарди и на анахроните обиди за ревизија на историјата. Ние не се откажуваме од природниот пат кон членството во ЕУ, оти отсекогаш сме дел на Европа: географски, историски и културно, зошто да не и политички. Едноставно, ние балканските народи и нации сме биле, сме и ќе останеме Европејци. Цврсто сме решени како што беше европски зацртано да стигнеме до целта до 2030 година, европеизирани по словото на Копенхагенските критериуми!, нагласи претседателката во својот долг говор на Мечкин Камен.

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, денеска, во рамки на добележувањето на 2 Август, Илинден – Денот на Републиката, во Крушево, положи цвеќе на гробот на претседателот на Крушевската Република, Никола Карев и на споменикот на хероите на месноста „Слива“.

Како што соопштија од кабинетот на претседателката, Сиљановска – Давкова присуствуваше и на панихидата во храмот „Св. Никола“.

Таа исто така синоќа присуствуваше на церемонијата на отворање на манифестацијата „Десет дена Крушевска Република“, којашто се одржа на месноста Гумење. На настанот беше прочитан Крушевскиот манифест и беа импровизирани традиционалниот напад на градот и пукањето од црешовото топче.

ИЗДВОЕНИ