Македонија е кредибилен ЕУ-партнер, одговорна, активна и кредибилна членка на НАТО, докажан фактор на стабилноста во регионот, истакна претседателката Гордана Сиљановска-Давкова на традиционалниот годишен прием за претставниците на дипломатскиот кор, кој го организираше во Охрид. Претседателката истакна дека е чудно „да се повикуваш на Копенхашките критериуми, а да инсистираш на балкански барања; да очекуваш реформи и владеење на правото, а да толерираш билатерализација, ветоизација и двојни стандарди; демократијата се учи од демократи и со демократи“ и порача дека „довербата се гради преку разбирање и помагање, а не преку условување и уцени“.
– Ние не можеме да бидеме Пенелопа што, чекајќи го Одисеј, нонстоп го менува уставот, на барање од некој однадвор, заборавајќи дека е закон над законите, односно lex superior, кој треба ретко и со рака што трепери да се менува. Како е можно, односно не е ли хипокризија и цинизам да се повикуваш на националниот уставен патриотизам и на консензусот како брана од промена на конститутивните акти на ЕУ, а да бараш од една држава да исполни „само уште еден услов“, да направи „само уште една отстапка и уставна промена“ оти така сакал соседот, така препорачал известувачот или Европскиот совет? – рече таа, притоа истакнувајќи ја тежината на живеењето во перманентна неизвесност.

Во услови на реални воени ризици, но и со климатски, енергетски и економски потреси, безбедноста, како што рече, не е само прашање на географија и територија туку и на отпорност на институциите, стабилност на општеството и доверба на граѓаните.
– Ние сме мала држава, но културно и духовно компетитивна актерка. За нас, како и за сите вас, идентитетот не е аргумент против ЕУ, туку аргумент за ЕУ, затоа што Европа е богата токму поради својата различност. Колку пати сме докажале дека може да бидеме партнер што персонифицира вредности, а не проблеми, иако постојано нè третирате како проблематични – рече Сиљановска-Давкова.
За проширувањето на ЕУ рече дека не е тест само за кандидатите туку и за европскиот демократски капацитет и за кредибилноста, со забелешка дека ако правилата важат различно, тогаш тие се инструмент на политичка арбитрарност.
– Конечно, Западен Балкан не е проблем на апсорпцискиот капацитет на Унијата. Напротив, интеграцијата на регионот е прашање на безбедност, на стабилност и на геополитичка рационалност во време на растечко геополитичко ривалство. Ние немаме проблем да разговараме. Напротив, ние сме народ и држава што живеат со реалноста дека соседството не е избор, туку судбина – рече претседателката.
Таа истакна дека ако стане проширувањето механизам во кој секој нов член добива право да го „редефинира“ патот на следниот, тогаш Унијата ќе го загуби она што ја прави Унија: принципот на правна предвидливост и еднаквост.
– Се поставува прашањето дали европската интеграција е процес што ги европеизира кандидатите или процес што ризикува да ја балканизира европската политика на проширување. Ние не бараме посебен третман. Не бараме привилегија. Бараме проширувањето да се врати таму каде што припаѓа: во рамката на Копенхашките критериуми, во рамката на меритократијата, во рамката на реформите и владеењето на правото – истакна Сиљановска-Давкова.
Во обраќањето, таа рече дека дипломатијата не е само збир на протоколарни активности туку и докажан цивилизациски механизам што успева истовремено да урива ѕидови и да гради мостови.
– Вие, дипломатите, персонифицирате знаење, умеење, умереност, вештина и упорност во потрагата по решенија за сериозни проблеми, преферирајќи преговори, договори и потписи наместо конфликти, уцени и оружје – рече Сиљановска-Давкова и додаде дека лично повеќе верува во силата на аргументот отколку во аргументот на силата.
Таа истакна дека сегашноста е нова реалност, конфузна, контрадикторна и неизвесна. Притоа, меѓународниот поредок не е заснован на меѓународното право, а уште помалку на правдата, етиката и моралот, туку отворено се повикува на моќта, оружјето не мирува, туку се активира, дебатата за хармонијата со природата стивнува, евроатлантицизмот не е синоним за усогласена и солидарна алијанса.
Таа рече дека не верувала оти толку бргу ќе дојде времето кога повторно ќе се отворат прашањата за кои мислела дека едно полнолетно човештво одамна ги надминало и затворило: време на војни, милитаризација, нова трка во вооружувањето, време на хибридни закани, сајбер напади, дезинформации, авторитаризам, брутален реализам…
Претседателката ја искористи можноста да посочи дека 2025 година ќе остане тетовирана во нејзината лична и колективна меморија по активната болна траума – трагедијата во Кочани, притоа заблагодарувајќи се за солидарноста и помошта од државите пред чии гласници се обрати.
Во име на претставниците на дипломатите, свое обраќање имаше доајенот на дипломатскиот кор, амбасадорот на Босна и Херцеговина, Драган Јаќимовиќ, кој изрази благодарност до претседателката за нејзината политика на отворени врати и за континуираното пријателство со дипломатската заедница.
Амбасадорот Јаќимовиќ рече дека меѓународната заедница особено ја цени државната посветеност на регионалната соработка, на добрите меѓусоседски односи и ангажманот на меѓународната сцена.












