Зајакнувањето на Украина, општата состојба со сигурноста во Европа и перспективите за посилен и побезбеден европски континент во тековната геополитичка реалност ќе бидат клучни теми на денешната средба на Европската политичка заедница во Копенхаген, на која ќе присуствува и македонската претседателка Гордана Сиљановска-Давкова.
Овој седми собир на Европската политичка заедница ќе отпочне со пленарна сесија, по што ќе следат дискусии во рамки на неколку панели, насочени кон различни аспекти од безбедносната ситуација во Европа, како што се традиционалните и хибридни закани, економската сигурност, трговијата со дрога и миграцијата.
Како што информираат од Кабинетот на шефицата на македонската држава, Сиљановска-Давкова ќе има говор на панелот „Безбедност и отпорност – традиционални и нови закани“, со кој ќе ко-претседаваат францускиот претседател Емануел Макрон и албанскиот премиер Еди Рама.
„Се наоѓаме во четвртата година од руската агресија врз Украина. Тоа докажува дека колективното дејствување за изградба на силна и безбедна Европа е поважно од кога било досега. Треба да продолжиме да се координираме и да останеме единствени“, се наведува во поканата до европските лидери за учество на собирот, упатена од копретседавачите, данската премиерка Мете Фредериксен и претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта.
На самитот е предвидено учество на 47 шефови на држави или влади од Европа, односно 27-те членки на ЕУ, шесте земји од Западен Балкан, вклучувајќи ја и Северна Македонија, четирите членки на Европската асоцијација за слободна трговија (ЕФТА), трите кавкаски републики, како и Андора, Велика Британија, Молдавија, Монако, Сан Марино, Турција и Украина.
Дополнително, на состанокот се поканети и премиерите на данските територии Гренланд и Фарски Острови, како и претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, генералниот секретар на НАТО, Марк Руте и претставници на ОБСЕ и Советот на Европа.
Во исчекување на денешниот работен дел, учесниците на состанокот на Европската политичка заедница синоќа во кралската палата Амалиенборг во Копенхаген присуствуваа на вечера што во нивна чест ја организираа данскиот крал Фредерик Десетти и кралицата Мери.
Европската политичка заедница е платформа за неформален политички и стратешки дијалог помеѓу европските шефови на држави или влади и лидерите на клучните европски и меѓународни институции. Целта на форумот е да промовира политички дијалог и соработка, како и да придонесе за зајакнување на безбедноста, стабилноста и просперитетот на европскиот континент и не претставува замена за ниту една постоечка организација, структура или процес, ниту пак во оваа фаза има амбиции да создаде нови.
Следните состаноци на Европската политичка заедница ќе се одржат во Ерменија во текот на идната пролет и во Ирска во есента 2026.