Претседателката Гордана Сиљановска Давкова во Апостолската палата имаше аудиенција кај Поглаварот на Римокатоличката црква, Папата Лав XIV. Честитајќи му го изборот за понтиф на Католичката црква, претседателката нагласи дека во ова време на голема неизвесност и поларизација во светот, се неопходни неговите охрабрувачки зборови за траен мир, како и неговите заложби за градење мостови на дијалог, разбирање и заемно почитување меѓу луѓето и народите, соопштија од кабинетот на претседателката.
-Сиљановска-Давкова ја изрази македонската подготвеност за јакнење и продлабочување на пријателството и соработката со Ватикан. Посочи дека редовното чествување на светите браќа Кирил и Методиј, претставува симбол на духовната и културната поврзаност со Светиот Престол. Претседателката констатираше дека двете држави имаат и нераскинливи историски врски преку цивилизацискиот завет на светицата и скопјанка, Мајка Тереза, стои во соопштението.
Оттаму истакнаа дека навраќајќи се на историската посета на папата Франциск на државава, претседателката истакнала дека со должна посветеност сé уште се негува неговото духовно и дипломатско наследство, бидејќи таа беше израз на блискост, почитување на различностите и охрабрување на дијалогот меѓу културите и религиите.
На средбата, традиционално беа разменети подароци, при што, претседателката на Папата Лав XIV му подари длабока резба од дабово дрво со мотив „Желад“. Резбата е со мотиви од овошје и животни кои ги краселе македонските манастири и цркви, како и побогатите македонски куќи. Мотивот со гроздови ја претставува лозата на животот и симболика за животна обнова и врска помеѓу религијата и луѓето преку виното (крвта на Исус).
По аудиенцијата, претседателката Сиљановска-Давкова имаше 40-минутна средба со државниот секретар на Светата столица, кардиналот Пјетро Паролин, со кого, исто така, меѓусебно си разменија подароци. Подарокот за кардиналот Паролин беше Златна ритуална маска.
По средбите во Ватикан, претседателката Сиљановска-Давкова, замина на средба со претседателот на Италијанската Република, Серџо Матарела.