Сиљановска-Давкова го одликуваше генерал-мајор Грегори Најт, командантот на Националната гарда на Вермонт со Орден за воени заслуги

10

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова денеска на свечена церемонија го одликуваше генерал-мајор Грегори Најт, командант на Националната Гарда на Вермонт со Орден за воени заслуги.

Генералот Најт го добива високото македонско одликување за неговиот особен придонес во воената соработка и продлабочувањето на македонско-американското пријателство.

Доделувајќи го орденот, претседателка Сиљановска-Давкова посочи дека лидерството и посветеноста на американскиот генерал-мајор Најт, помогнаа да се создадат бројни генерации на одлично обучени македонски офицери, подофицери и војници.

Таа потсети дека Националната гарда на Вермонт веќе три децении ги поддржува македонските воени сили, како квалификуван, искусен и посветен партнер во обуки, но и како доверлив сојузник на патот кон мирот, стабилноста и демократијата.

Врачувајќи му го орденот на генерал-мајор Најт, претседателката рече дека оваа државна награда не е само израз на благодарност за неговата неуморна и вредна работа, туку и на нашата почит кон вредностите коишто тој ги персонифицира: дигнитет, интегритет, кредибилитет, дисциплинираност, храброст, емпатија, моралност.

Генерал-мајор Грегори Најт, на церемонијата нагласи дека орденот им припаѓа на илјадници војници од Националната гарда на Вермонт, кои беа вклучени во 35 годишната соработка.

„Ова партнерство сигурно е најзначајниот дел од мојата воена кариера од речиси 43 и пол години. Во Македонија доаѓам скоро 25 години, искуството и патувањата беа неверојатни. За мене, вистински, искрени и длабоки се пријателствата коишто ги создадов тука“, истакна генерал-мајор Најт.

Пред церемонијата, претседателката и генералот остварија средба на којашто се согласија дека поддршката од Вермонт беше клучна во подготовката на земјава за членство во НАТО, исполнувајќи ги стандардите на Алијансата и подобрувајќи ја интероперабилноста со другите сили на НАТО.

ИЗДВОЕНИ