петок, јануари 23, 2026
Дома СВЕТ Сијарто: Унгарија на априлските избори ќе одлучи дали сака мир или војна

Сијарто: Унгарија на априлските избори ќе одлучи дали сака мир или војна

14
EPA/WAEL HAMZEH

Унгарија на парламентарните избори на 12 април ќе одлучи дали сака мир или војна, изјави денеска унгарскиот министер за надворешни работи Петер Сијарто.

Тој додаде дека претстојните избори ќе покажат дали Унгарија ќе му дозволи на украинскиот претседател Володимир Зеленски да ги користи парите на унгарските даночни обврзници за, како што рече, „одржување на корумпираниот украински режим“.

Сијарто, во видео-обраќање објавено на Фејсбук, изјави дека Унгарија, во време кога се обликува нов глобален поредок, „има свое место на масата“ каде што се носат клучните одлуки, пренесува агенцијата МТИ.

Тој истакна дека премиерот Виктор Орбан е единствениот европски лидер кој во моментов може директно да комуницира со Вашингтон, Москва и Пекинг. Сијарто потсети и на учеството на Орбан на Светскиот економски форум во Давос, каде што се приклучил на Одборот за мир, нагласувајќи дека Унгарија ги поддржува мировните напори за завршување на четиригодишниот конфликт во регионот.

„Нема да дозволиме Унгарија да биде вовлечена во војна, без разлика дали тоа му се допаѓа на претседателот Зеленски или не“, порача Сијарто.

Тој го обвини Зеленски дека повторно се меша во предизборната кампања во Унгарија, како што, според него, тоа го сторил и пред четири години, додавајќи дека проукраинската опозиција може да дојде на власт само доколку ја смени сегашната влада.

„Додека оваа влада е на власт, Унгарија нема да биде вовлечена во војна и Зеленски нема да може да зема пари од унгарските граѓани. Влогот на овие избори е јасен: Унгарците ќе бираат меѓу мир и војна и дали ќе дозволат финансирање на корумпиран режим со нивните даноци“, заклучи Сијарто.

ИЗДВОЕНИ