
Кинескиот претседател Си Џинпинг му рекол на американскиот претседател Доналд Трамп за време на нивниот состанок минатата недела дека рускиот претседател Владимир Путин можеби ќе зажали за инвазијата на Украина, објави Фајненшл тајмс (FT).
Според повеќе извори запознаени со проценката на САД за самитот од минатата недела во Пекинг, кинескиот претседател ги дал коментарите за време на широки разговори што ја опфатиле и војната во Украина, при што Трамп сугерирал дека тројцата лидери треба да работат заедно против Меѓународниот кривичен суд.
Си, велат изворите, отишол подалеку отколку во претходните разговори кога станува збор за одлуката на Путин да започне инвазија на соседната земја во 2022 година. Лице запознаено со разговорите на Си со поранешниот претседател Џо Бајден, рече дека тие разговори биле исто така „отворени и директни“, но дека кинескиот претседател не дал никакви проценки за Путин или војната.
Извештајот доаѓа додека Путин се подготвува да патува во Кина за самит со Си, само четири дена откако кинескиот лидер го угости американскиот претседател за само нивната втора средба откако Трамп се врати во Белата куќа.
Путин ја започна инвазијата на Украина во февруари 2022 година, само три недели по посетата на Кина, за време на која тој и Си прогласија „партнерство без граници“. Неговата дводневна посета оваа година доаѓа 25 години откако тогашниот кинески претседател Џијанг Цемин потпиша договор за пријателство со Путин.
Кинеската амбасада во Вашингтон не одговори на барањето за коментар, а Белата куќа одби да коментира. Администрацијата на Трамп објави документ за самитот во Пекинг во неделата, но во него не се споменаа дискусиите за Путин или војната во Украина.
За време на средбата со Си, Трамп, исто така, предложи САД, Кина и Русија да ги здружат силите за борба против Меѓународниот кривичен суд, тврдејќи дека нивните интереси се усогласени, велат истите извори.
Белата куќа не ја коментираше таа изјава за судот. Но, администрацијата на Трамп претходно остро го критикуваше Меѓународниот кривичен суд, обвинувајќи го за политизација, злоупотреба на моќ, игнорирање на суверенитетот на САД и пречекорување на неговата надлежност. Некои функционери го нарекоа инструмент на таканаречената судска војна против САД.
Си наводно го споменал Путин во време кога војната на Русија против Украина се претвори во ќор-сокак по четири години, особено поради сè поефикасните напади со беспилотни летала на Украина врз руските сили и цели.











