Си-Ен-Ен: Деловните врски на семејството Трамп со Блискиот Исток се зголемени за повеќе од три пати

196

Деловните врски на семејството Трамп со Блискиот Исток се зголемија за повеќе од трипати од првиот мандат на американскиот претседател Доналд Трамп, вклучувајќи мноштво нови проекти објавени откако тој се врати во Белата куќа во јануари, покажа анализата на Си-Ен-Ен обајвена во вторникот.

Си-Ен-Ен наведува дека Трамп оваа недела е во посета на Саудиска Арабија, Катар и Обединетите Арапски Емирати, не само како претседател на САД, туку и како глава на семејство чиј бизнис се шири во тој дел од светот, додека во регионот се развиваат планови за луксузни облакодери, терени за голф и бизниси со криптовалути.

Финансиските врски на Трамп со Блискиот Исток предизвикаа загриженост кај етичарите на американската влада, кои велат дека е тешко да се утврди дали тој дејствува во најдобар интерес на САД или за сопствените финансии.

„Кога американскиот народ избира претседател, очекува таа личност да работи за нив, а не за лична корист“, рече Роберт Вајсман, копретседател на „Паблик Ситизен“, група за права на потрошувачите.

Тој и другите експерти тврдат дека таквите финансиски врски создаваат можност за странските сили да се обидат да влијаат на политиката на САД преку профитабилни деловни зделки.

Проектите на Трамп на Блискиот исток, од кои многу се најавени, но сè уште не се развиени, главно вклучуваат договори за лиценцирање со странски инвеститори кои соработувале со Организацијата Трамп и платиле за да го користат името Трамп.

Претходните американски претседатели ги продаваа своите бизниси или ги ставаа во таканаречени слепи фондови за да избегнат изглед на лична корист, но имотот на Трамп се чува во фонд со кој управуваат неговите деца.

Неговиот син Ерик Трамп, извршен потпретседател на Организацијата Трамп, рече дека работата ќе биде одвоена од канцеларијата на претседателот за да се избегнат какви било етички конфликти.

Организацијата Трамп во јануари вети дека нема да склучува нови договори со странски влади за време на вториот мандат на претседателот, но беше објавена неодамнешна најава за договор за теренот за голф со брендот Трамп во Катар, кој вклучува фирма поддржана од државниот богат фонд на Катар, Катар Диар.

Ерик Трамп рече дека неговата организација е „неверојатно горда“ што го проширува брендот Трамп во Катар преку Катар Диар и посебна компанија за недвижнини, Дар Глобал, а минатиот месец откри дека Дар Глобал купил земјиште за терен за голф од Катар Диар, пренесува Танјуг.

ИЗДВОЕНИ