петок, октомври 2, 2026
Дома СВЕТ Шверцот со марихуана во Европа експлодира: Вишоци пристигнуваат од Канада, Тајланд и...

Шверцот со марихуана во Европа експлодира: Вишоци пристигнуваат од Канада, Тајланд и САД

0

Шверцот на канабис во Европа нагло порасна поради вишоците создадени на легалните пазари во Канада, делови од САД и Тајланд, а како резултат на тоа, Европол формираше специјална оперативна работна група за справување со зголеменото присуство на оваа дрога – трговија вредна девет милијарди евра годишно.

Шверцот на канабис од Северна Америка и Тајланд кон Европа е значително зголемен, што го поттикна Европол да формира специјална оперативна работна група (OTF) за разбивање на криминалните мрежи вклучени во оваа трговија, соопшти во четвртокот европската полициска агенција.

Европол наведува дека легализацијата на канабисот во Канада, делови од САД и Тајланд довела до прекумерна понуда на производи со висока концентрација на ТХЦ на легалните пазари, создавајќи можности за нивно пренасочување кон нелегалниот европски пазар.

Групите за организиран криминал ги искористуваат регулаторните разлики меѓу земјите, шверцувајќи ја дрогата скриена во товар, преку фиктивни компании и преку онлајн пазари. Од средината на 2023 година, земјите-членки на ЕУ бележат значителен пораст на шверцот на канабис преку воздушен транспорт, бродски контејнери и курирски служби, особено од Северна Америка и Тајланд.

Европол предупредува дека криминалните мрежи вклучени во трговијата со канабис често се поврзани со насилство, корупција и перење пари. Дополнителна опасност претставуваат производите со висока концентрација на ТХЦ, како и канабисот од нерегулирано одгледување, каде што може да се користат штетни пестициди.

21 лице уапсено во Белгија и Франција

Како пример за приспособливоста на криминалните мрежи, Европол ја истакна операцијата спроведена на 30 септември во Белгија и Франција против организација осомничена за шверц на канабис и кокаин преку аеродромот во Брисел.

Истрагата започна во февруари 2025 година по откривањето на 30 килограми кокаин во напуштен багаж што пристигнал од Мексико. Истражителите потоа открија мрежа што користела курири, соучесници за преземање на багажот со дрога и аеродромски службеници за заобиколување на безбедносните и царинските контроли.

Операцијата резултираше со апсење на 19 осомничени во Белгија и двајца во Франција, вклучително и поединци кои Европол ги смета за високопрофилни цели. Меѓу запленетите предмети имаше повеќе од 57.000 евра во готовина, осум возила, две парчиња огнено оружје, дрога, електронски уреди, накит, луксузен часовник и друга стока.

Членовите на мрежата ангажирале и таканаречени „извлекувачи“ – поединци кои купувале евтини авионски билети во последен момент за да добијат пристап до просторот за подигнување на багажот. Таму, тие ги земале куферите што содржеле дрога и ги пренесувале до блиските хотели, каде што им ги предавале на други членови на организацијата. Криминалците ја користат и западноафриканската рута.

Откако властите почнале почесто да ги пресретнуваат ваквите пратки, криминалната група, според Европол, почнала да ангажира и помагачи меѓу вработените на аеродромот, кои ја ваделе дрогата од багажот пред тој да стигне до пистата.

Новата оперативна работна група на Европол треба да ги обедини полицијата, царината, службите за финансиско разузнавање и меѓународните партнери со цел зајакнување на граничниот надзор, откривање на финансиските текови и борба против новите методи на шверц.

Европол предупредува дека криминалните организации што тргуваат со канабис сè почесто ја користат западноафриканската рута, која веќе е позната по шверцот на кокаин. На тој начин, истите мрежи можат заеднички да ги користат логистиката, инфраструктурата и меѓународните контакти за трговија со различни видови дрога.

Трговијата со канабис сочинува околу 38 отсто од пазарот на мало со нелегални дроги во ЕУ, а Европол проценува дека околу 22 милиони корисници годишно трошат приближно девет милијарди евра на канабис.

ИЗДВОЕНИ