понеделник, февруари 2, 2026
Дома МАКЕДОНИЈА Шверцот на марихуаната од Македонија се стимулира и со неконтролата на произведувачите...

Шверцот на марихуаната од Македонија се стимулира и со неконтролата на произведувачите и на границите

Голем број фирми кои одгледуваат канабис и површините каде што тој се одгледува не се контролираат од надлежните органи, посебно не од Инспекторатот од Министерството за здравство, што ја издало лиценцата. Па, така, сопствениците имаат можност да одгледуваат и поголемо количество канабис, а кое потоа лесно завршува во рацете на криминалците преку разработени шверцерски канали – објаснува за весникот ВЕЧЕР Љубомир Ѓурчевски, поранешен началник во МВР. И македонското Јавно обвинителство оформи предмет во врска со запленетата марихуана.

89

Немањето контрола на вистинската големина на насадите со канабис, посебно кај фирмите што имаат лиценца за негово одгледување за медицински потреби, но и пропустите на граничните премини, стојат во заднината на префрлувањето на петте тони марихуана од Македонија во Србија. Ова го сметаат безбедносните експерти, откако на виделина излегуваат деталите на полициската акција, при која е утврдено дека еден од приведените лица, Иван Драгниќ, е и косопственик на компанија за производство и преработка на канабис, лоцирана во скопската општина Кисела Вода. Досегашната истрага покажала дека Драгниќ бил косопственик во фирмата „Алфафарм Гроуп“ ДОО Скопје, која е основана во 2023 година, со основна главнина од 529.050 евра. Според податоците од Централниот регистар, сопственици се уште и Предраг Брковиќ, Роберт Живковиќ и Јована Мијаловиќ, а компанијата е регистрирана за одгледување и преработка на зачински, ароматични и лековити растенија за фармацевтска употреба.

Според српското Јавно обвинителство за организиран криминал, Драгниќ е клучен играч во оваа меѓународна група. Истрагата покажала дека криминалната група дејствувала на меѓународно ниво и дека во текот на јануари оваа година, групата набавила повеќе од 5 тони марихуана на територијата на Македонија. Според планот на организаторот, токму Драгниќ бил задолжен за транспортот на дрогата преку границата. Тој ја пренел стоката до магацин во сопственост на семејството Спасојевиќ во близина на градот Крушевац во Србија, каде и што била откриена од страна на полицијата пред да се изврши натамошна дистрибуција на товарот вреден дури 50 милиони евра.

Истовремено и македонското Јавно обвинителство оформи предмет во врска со запленетата марихуана.

– Обвинителството уште во петокот беше навремено и целосно информирано за настанот и без одлагање презеде активности во рамките на своите законски надлежности. Веднаш е воспоставена интензивна и континуирана комуникација со надлежните органи на Република Србија, со активна размена на релевантни информации и координација на дејствијата, со цел целосно и сеопфатно откривање на сите инволвирани лица и евентуални организирани структури поврзани со случајот на заплена на пет тони марихуана. Обвинителството има оформено предмет и веќе се преземаат конкретни, насочени и координирани дејствија за целосно утврдување на сите факти и околности за поврзаноста на Република Северна Македонија со овој случај, со цел обезбедување целосна кривично-правна одговорност – соопштија оттаму за весникот ВЕЧЕР.

Фирмата „Алфафарм“ е само една од повеќе од седумдесетина фирми во Македонија кои имаат лиценци за одгледување канабис за медицински цели. Со толкава бројка, Македонија е меѓу водечките земји во Европа, а бранот уследи откако во 2016 година, тогашната македонска влада овозможи формирање фирми за легално одгледување канабис.

– Тука се појавува главниот проблем. Голем број фирми кои одгледуваат канабис и површините каде што тој се одгледува не се контролираат од надлежните органи, посебно не од Инспекторатот од Министерството за здравство, што ја издало лиценцата. Па, така, сопствениците имаат можност да одгледуваат и поголемо количество канабис, а кое потоа лесно завршува во рацете на криминалците преку разработени шверцерски канали. А се работи на најквалитетен македонски канабис, кој е подобар од оној во другите земји – објаснува за весникот ВЕЧЕР Љубомир Ѓурчевски, поранешен началник во МВР.

Тој објаснува дека е посебно прашање зошто се дозволило издавање на толку многу лиценци, посебно во ситуација кога во земјава има само две-три фирми кои прават медицинско масло од марихуаната. Односно, кога не може да се преработи целото производство.

– Истовремено, нашата земја не дозволува извоз на цвет од канабис на странски пазари и тоа влијае „стимулативно“ за оние што одгледуваат канабис и лесно се решаваат да влезат во криминален бизнис. Нам ни е потребна, првенствено, силна контрола на теренот, посебно кај фирмите кои имаат лиценци за тој бизнис. Не е тајна дека кај нас и дилери, односно, лица познати на полицијата, стануваат бизнисмени – нагласува Ѓурчевски.

Овој експерт за безбедност посебно го проблематизира фактот дека големо количество од пет тони марихуана излегло од Македонија и било пренесено на српска територија.

– За толкаво количество е потребен еден цел шлепер за да се пренесе. Прашањето е како товарот останал неоткриен и покрај поседувањето на сите модерни уреди за детектирање и дрога што ги имаме на нашите граници, а се донација на американската служба ДЕА. МВР и Царина треба да одговорат на овие прашања – нагласува овој експерт.

Од Здружението на одгледувачите на медицински канабис „Макканабис“ во изминативе години повеќе пати барале законски промени во основниот закон донесен во 2016 година. Тие бараа да им се овозможи извоз на сув цвет добиен со одгледување на канабисот за медицински цели, да се формира државна агенција за канабис за да се забрзаат процедурите за извоз, при што се тврдеше дека тоа годишно ќе ѝ донесе по околу 100 милиони евра на македонската економија. Од Здружението и тогаш предупредуваа дека неможноста да го извезуваат цветот од канабис отвора врата за криминални активности.

Во изминативе години се забележани неколку случаи на откривање големо количество марихуана, која имала потекло од фирмите со лиценци, кои се бавеле со нејзино производство. Пред четири години, во Битола, полицијата најде стотици килограми марихуана, која потекнуваше од битолската фирма „Медицал 420“, во вредност од 800 илјади евра. Пред шест години, во Арачиново, Скопско, полицијата најде само 231 килограм од близу два тона марихуана, украдени од фирмата „Херб индустри“ во Валандово. Останатиот дел завршил во Косово. Во 2022 година, полицијата заплени вкупно еден тон и 600 килограми марихуана, чија вредност се проценува на 3,2 милиони евра. Најголемиот дел од дрогата е запленет во фирма регистрирана за одгледување канабис за медицински цели во Струмица. Пред пет години, на превојот Плетвар, во успешна акција на МВР помогната од Американската служба за борба против дрога – ДЕА, во запрените возила биле откриени околу 200 килограми марихуана од плантажите во Прилепско… (Б. Ѓ.)

ИЗДВОЕНИ