Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, денес
оствари работна средба со амбасадорот на Кралството Шведска во Република Северна
Македонија, Н.Е. Ола Солстром, на која беше потврдена одличната билатерална соработка
и заедничката определба за нејзино натамошно продлабочување, со посебен акцент на
енергетиката, инфраструктурните проекти и зелената транзиција.

Во фокусот на разговорите беа можностите за унапредување на соработката во областа на
енергетската ефикасност, модернизацијата на енергетската инфраструктура и развојот на
паметни енергетски решенија, области во кои Шведска претставува еден од европските
лидери.

Министерката Божиновска истакна дека Владата е цврсто посветена на модернизација на
македонскиот енергетски систем, зголемување на учеството на обновливите извори на
енергија и градење одржлив и конкурентен енергетски сектор.

– Нашата цел е современ, ефикасен и одржлив енергетски систем кој ќе обезбеди сигурност
за граѓаните и ќе создаде поволна клима за нови инвестиции. Шведското знаење, искуство
и технолошки развој претставуваат значаен потенцијал за заеднички проекти и
партнерства кои ќе придонесат за побрза енергетска трансформација на Македонија –
истакна министерката Божиновска.

Амбасадорот Ола Солстром ја нагласи подготвеноста на Шведска да продолжи да ја
поддржува Македонија во реформските процеси и истакна дека голем број шведски
компании внимателно ги следат случувањата во македонскиот енергетски сектор и
препознаваат потенцијал за нови инвестиции и економска соработка.

Тој оцени дека постојат реални можности за проширување на присуството на шведски
компании на македонскиот пазар, особено во проекти поврзани со енергетската
ефикасност, модерната инфраструктура и иновативните зелени технологии.
Воедно, амбасадорот Солстром повтори дека Шведска останува силен пријател и искрен
поддржувач на Македонија.

На крајот од средбата беше потврдена заедничката определба за интензивирање на
билатералната соработка и развој на конкретни партнерства во областа на одржливата
енергија, инфраструктурниот развој и реализацијата на енергетските реформи, кои ќе
придонесат за економски раст, поголема енергетска сигурност и забрзана зелена
транзиција.

ИЗДВОЕНИ