Планот е дел од поширока национална стратегија за мобилизирање на целото општество – од институциите и армијата до граѓаните и компаниите, со цел да се подготви земјата за можни кризни и воени ситуации. Според процените на Одборот за земјоделство, резервите би можеле да обезбедат храна за 90 до 95 проценти од населението за три месеци, со просечна потрошувачка од 3.000 калории дневно од лице
Шведската Влада почна со создавање на првите стратешки резерви на жито во северните делови од земјата, во региони кои, во случај на вооружен конфликт, би можеле да бидат отсечени од остатокот од земјата. Во буџетот за 2026 година, се планирани 575 милиони круни или околу 60 милиони долари за правење резерви за итни случаи, објави Владата во Стокхолм.
Според шведскиот Одбор за земјоделство, резервите редовно ќе се надополнуваат за да се спречи расипување, а тендерите ќе се распишуваат во окрузите Норботен, Вестерботен, Вестернорланд и Јемтланд, области што моментално зависат од испораките на жито од јужна Шведска.
Министерот за цивилна заштита, Карл-Оскар Болин, истакна дека северот на земјата е „клучен за одбранбената стратегија на Шведска“ и дека токму таму започнува воспоставувањето резерви за населението да има пристап до храна дури и во текот на војна.
Планот е дел од поширока национална стратегија за мобилизирање на целото општество – од институциите и армијата до граѓаните и компаниите, со цел да се подготви земјата за можни кризни и воени ситуации. Според процените на Одборот за земјоделство, резервите би можеле да обезбедат храна за 90 до 95 проценти од населението за три месеци, со просечна потрошувачка од 3.000 калории дневно од лице.
Овој потег доаѓа во време на растечки тензии во регионот на Балтичкото Море, пишува НИН. По руската анексија на Крим во 2014 и инвазијата на Украина во 2022 година, Шведска го обнови концептот на „тотална одбрана“ и стана членка на НАТО минатата година. Премиерот Улф Кристерсон предупреди дека земјата „не е во војна, но не е ниту во мир“, посочувајќи на хибридни напади и закани за подводната инфраструктура.
Како што објавува Си-би-ес њуз, НАТО ја почнал операцијата „Источна стража“ за заштита на морското дно и на клучните комуникациски кабли, додека шведската морнарица следи руска подморница во Балтичкото Море. Шведската Агенција за цивилни непредвидени ситуации (MSB), исто така, објави препораки за граѓаните да складираат храна со голема содржина на протеини и масти, како што се сушено месо, риба, чоколадо, џем, пире од компири, млеко во прав и бисквити.
– Во воено време, луѓето трошат повеќе енергија отколку во мирно време – објаснува Оскар Кварфорт од шведската Агенција за храна, наведувајќи дека просечната дневна потрошувачка тогаш е за околу 100 калории поголема.
Многу Швеѓани веќе ги следат препораките. Мартин Свенберг од Стокхолм складирал 100 килограми брашно, десетици конзерви и замрзнати оброци во подрумот.
– Важно е да имате храна што ви се допаѓа, бидејќи тоа го зголемува моралот во кризни ситуации – изјави тој за АФП.
Според анкетата на МСБ, 86 проценти од граѓаните веруваат дека земјата вреди да се брани, а 76 проценти би учествувале во цивилната одбрана. Во 2018 и 2024 година, Агенцијата испратила брошура за однесување во случај на војна до сите домаќинства. Новото прашање предизвикало поголема загриженост – 39 проценти од испитаниците рекле дека се чувствуваат вознемирено, во споредба со 24 проценти пред шест години, пишува „Франс 24“.
На згради во Латвија се ставаат зелени налепници со текст „засолниште“
Низ целата престолнина на Латвија, Рига, на згради се ставаат зелени налепници на кои пишува „засолниште“. Со нив се насочуваат жителите кон местата каде што можат да се кријат во случај на напад.
По серијата неодамнешни воздушни напади покрај источното крило на НАТО и сомнителните беспилотни летала што ги затворија аеродромите во неколку европски земји, вклучувајќи ги Германија, Данска и Норвешка, стравувањата од руска агресија растат во Латвија и во нејзините балтички соседи, Естонија и Литванија. Овие земји се веќе длабоко вознемирени од војната на Москва во Украина.