Швајцарска невладина организација ја обвинува компанијата „Нестле“ за додавање шеќер во храна за бебиња

0

Швајцарската невладина организација „Паблик ај“ повторно ја обвини  компанијата „Нестле“ за додавање шеќер во храната за бебиња „Церелак“ во втор извештај насочен кон Африка, обвинение кое гигантот за храна го негира, пренесе „Бета“.

Швајцарската невладина организација веќе објави студија во април 2024 година, спроведена на неколку континенти, обвинувајќи ја Нестле за додавање шеќер во производите за бебиња во земјите со ниски и средни приходи, додека истите производи што се продаваат во Европа не содржат шеќер.

Организацијата сакаше повторно да се осврне на проблемот година и пол подоцна, овој пат фокусирајќи се исклучиво на Африка, каде што дебелината, долго време „сметајќи се за проблем на богатите земји“, „брзо се шири“, изјави за „АФП“ Лоран Габарел, раководител на одделот за земјоделство и храна на невладината организација.

За втората студија, организацијата се фокусираше на производите од житарки за бебиња „Церелак“, наменети за бебиња шест месеци и постари.

Побара од организациите за заштита на потрошувачите и здруженијата за исхрана во 20 африкански земји да ѝ испратат примероци од брендот купени во локалните супермаркети. Доби „скоро 100 производи“ кои потоа ги анализираше.

Според студијата, секоја анализирана порција содржела просечно речиси шест грама додаден шеќер, или околу една и пол коцки шеќер. Највисоката пронајдена количина доаѓа од производ што се продава во Кенија, со 7,5 грама по порција, или речиси две коцки шеќер.

„Ова се производи што им се даваат на бебиња од шест месеци, а во таа фаза од животот се формираат преференции за храна, со ризик бебињата да станат зависни од шеќер“, рече тој.

„Нестле“ не се согласи со извештајот, нарекувајќи го „погрешен“ и со неосновани тврдења.

„Ако ги исклучиме шеќерите од состојки како што се млеко, житарки и овошје, нашите житарки за бебиња не ги содржат нивоата на шеќер споменати во овој извештај“, рекоа од „Нестле“, додавајќи: „Здравјето и исхраната на децата ширум светот се наш врвен приоритет“.

Според Светската здравствена организација (СЗО), бројот на дебели возрасни лица во Африка речиси се дуплирал помеѓу 2000 и 2016 година, а истите трендови се забележани и кај децата.

ИЗДВОЕНИ