Министерот за животна средина и просторно планирање, Муамет Хоџа, оствари средба со амбасадорот на Швајцарија во Македонија, Н.Е. Кристоф Зомер, на која беа разменети мислења за тековната и идната билатерална соработка во областа на животната средина.

На средбата, министерот Хоџа изрази благодарност за континуираната и значајна поддршка што Швајцарија ѝ ја дава на државата повеќе од три децении. Тој нагласи дека Швајцарија е еден од најголемите билатерални донатори и клучен партнер во реформските процеси, особено во секторите вода, управување со отпад, заштита на природата и климатска отпорност.

Во фокусот на разговорите беа тековните проекти поддржани од Швајцарската агенција за развој и соработка (SDC) и Државниот секретаријат за економски прашања (SECO). Меѓу нив се проекти за интегрирано управување со цврст отпад, управување со подземни води, заштита на биодиверзитетот и екосистемите, како и зајакнување на отпорноста и ефикасноста на комуналните претпријатија.

Министерот Хоџа ја потврди заложбата на Министерството за понатамошно продлабочување на соработката со Швајцарија, со цел усогласување со европските стандарди, одржливо управување со природните ресурси и подобрување на квалитетот на живот на граѓаните.

Амбасадорот Зомер ја реафирмираше поддршката на Швајцарија за реформските процеси во Северна Македонија и истакна подготвеност за продолжување на партнерството преку Програмата за соработка 2025-2028.

ИЗДВОЕНИ