„Швајцарија не склучи „договор со ѓаволот“ со тоа што се согласи на нова рамка за царини со САД“, изјави денес швајцарскиот министер за економија Гај Пармелин, отфрлајќи ги критиките дека тоа претставува „предавање“ во трговската војна предводена од Доналд Трамп.
Необврзувачкиот рамковен трговски договор, објавен завчера, ветуваше пониска стапка на увозна царина од САД за Швајцарија, која е 15 проценти, во споредба со претходните 39 проценти, во замена за 200 милијарди долари инвестиции од швајцарски компании во САД, пренесе „Хина“.
„Не ги продадовме нашите души на ѓаволот“, рече Пармелин во интервју за весникот „Тагесанцајгер“, додавајќи дека е „задоволен“ од договорот и дека швајцарските компании се стремат кон зголемено производство во САД дури и пред ерата на Трамп.
Швајцарските индустриски групи го поздравија договорот, кој ги става компаниите на рамноправна основа со оние во ЕУ, по сличен договор постигнат меѓу Брисел и Вашингтон.
Но, опозициските партии изразија загриженост во врска со отстапките, доведувајќи во прашање транспарентноста на преговорите, во кои раководители од швајцарски компании како што се производителот на луксузни часовници „Ролекс“ и подеднакво производителот на луксузни стоки „Ричемонт“, исто така, лобираа кај Вашингтон за отстапки.
Швајцарија се надева дека пониската царинска стапка ќе биде активирана во рок од неколку дена или недели, иако рамковниот договор не е обврзувачки. Се очекуваат понатамошни преговори. Конечниот договор мора да биде одобрен од швајцарскиот парламент, а јавноста би можела да гласа за него на референдум.
Претходно, владин претставник во Берн, кој зборуваше под услов да остане анонимен, изјави дека швајцарските претставници презентирале план за намалување и елиминирање на трговскиот суфицит со САД и додаде дека американските претставници очекуваат значително намалување на швајцарските царини за американските производи, како и намалување на нетарифните бариери.
Според официјалните податоци од САД, Швајцарија имала трговски суфицит со САД од 38,3 милијарди долари во 2024 година. Таа бројка се зголемила на 55,7 милијарди долари до јули оваа година, првенствено одразувајќи го зголемувањето на американскиот увоз од Швајцарија во првиот квартал, пред Трамп да ги воведе своите „реципрочни“ царини на почетокот на април. Швајцарија не е членка на ЕУ.












