Швајцарија му пружа рака на Трамп

143

Швајцарската влада е отворена за ревидирање на својата понуда до Соединетите Американски Држави како одговор на американскиот план за воведување царина од 39 проценти, изјави швајцарскиот министер за економија, Ги Пармелин.

Економските експерти предупредија дека царината од 39 проценти за Швајцарија, објавена од американскиот претседател Доналд Трамп, може да предизвика рецесија во земјата, објави Ројтерс.

Швајцарската јавност беше изненадена во петокот кога Трамп ги објави високите царини за Швајцарија, по што деловните и индустриските здруженија предупредија дека одлуката се заканува на десетици илјади работни места. Швајцарската влада соопшти дека ќе одржи состанок во понеделник за да разговара за следните чекори, а Пармелин изјави за швајцарскиот јавен радиодифузер РТС дека владата ќе дејствува брзо, пред американските царини да стапат во сила на 7 август.

„Треба целосно да разбереме што се случи, зошто американскиот претседател ја донесе оваа одлука. Откако тоа ќе го имаме на маса, ќе можеме да одлучиме како да продолжиме. Ќе направиме сè што можеме за да покажеме добра волја и да ја ревидираме нашата понуда“, рече Пармелин.

Според швајцарскиот министер, Трамп е фокусиран на трговскиот дефицит на САД со Швајцарија, кој минатата година изнесуваше 38,5 милијарди швајцарски франци (48 милијарди долари), а купувањето американски течен природен гас (LNG) е една од опциите што се разгледуваат.

Друга опција би можела да биде дополнително инвестирање од швајцарски компании во Соединетите Американски Држави, најголемиот извозен пазар на Швајцарија за лекови, часовници и машини.

ИЗДВОЕНИ