Изминатите два дена во Кривичниот суд во Скопје се одложија речиси сите судења од областа на организираниот криминал и корупција бидејќи притворениците не беа донесени од затворот Шутка. Од судот тврдат дека рочиштата биле навремено закажани со покани до странките и нагласуваат дека секое одложување заради неносење на обвинетите ја става во прашање ефикасноста на судот, трошоците и правата на притворениците бидејќи на овој начин се одолговлекуваат постапките. Судот во писменото обраќање до директорот на затворот Скопје, Бобан Утковски, укажува на обврската на затворот а тоа е навремено да ги транспортира притворените лица на судењата.
„Судењата закажани во два дена се откажани токму од причина што Вашата институција не ги спроведе обвинетите на судења, а мерката притвор е определена заради обезбедување на нивно присуство (се одложи рочиште каде што присуствуваа 12 обвинети и нивните бранители, како и јавен обвинител). Мерката притвор е најтешката мерка со којашто се ограничуваат слободите и правата на обвинетите за кои согласно принципот на презумпција на невиност се невини додека не се докаже спротивното, и судот за овој вид предмети постапува итно. И покрај сите напори и трошоци кои што ги прави судот за жал судењата сепак се одлагаат од причина што Вашата институција не ги спроведе обвинетите на закажаните рочишта. Верувам дека за истото имате разумно оправдување, но потенцирам дека Вашата институција е сервис на судот и Вие постоите од единствена причина да го обезбедите присуството на обвинетите кои што треба да бидат изведени пред суд. За жал во последно време се бележи дека рочиштата каде што обвинетите се јавуваат на покана на суд се одвиваат без одлагање, а рочиштата каде што обвинетите се во притвор се одлагаат, му напишаа од Кривичниот суд на директорот Утковски.
Од затворкста управа потврдуваат дека немало спровод на притворениците за судењата за кои реагираат од Судот, но оти тоа се случува поради недоволниот број на возила и вработени затворски полицајци.
„Со оглед на бројот на возила и намалениот број на вработени во затворската полиција во КПУ Затвор Скопје постапува и ќе постапува согласно своите можности и капацитети со оглед на тоа што Затвор Скопје врши спровод на притворени и осудени лица покрај до Кривичниот суд во Скопје и до сите судови и обвинителства низ територијата на целата држава и тоа Гостивар, Тетово, Кичево, Куманово, Велес, Штип, Битола, Охрид , Кочани, стои во реакцијата на КПУ Затвор Скопје.
Од Судот забележуваат дека одложените расправи се и предмети од одделот за организиран криминал и корупција со повеќе од 10 – тина обвинети од кои дел се наоѓаат во притворското одделение на Затвор Скопје и за кои течат рокови по кои судот е должен да постапува.
„Мерката притвор е најтешката форма на ограничување на слободата која е наменета токму за обезбедување на присуство на обвинетите лица во судските постапки, но ниту според домашното законодавство, а ниту ни според Европската конвенција за човекови права не смее да се претвори во казна. Но, во овој случај, за жал се оддолговлекуваат постапките не по вина на ниту еден од учесниците на истата, нагласуваат од Судот. (П.А.)